НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЈАСМИНА СОФРОНИ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога е надворешниот изглед во прашање, вклучително и неговото одржување, во смисла на нега, т.е. грижа за себе, прототипите на женската убавина во светски рамки се бирале обично меѓу филмските, односно ѕвездите на естрадата, како на пример Мерилин Монро чиј секојдневен ритуал на утринско будење и целосно посветување на себеси, заедно со негувањето, уживаше големи симпатии кај поширокиот круг обожавателки, применувајќи го. Американската глумица беше позната по сензуалните усни, погледот на кој се припишуваше заводливоста и секако, убавата фигура со идеални пропорци (90-60-90) што личеше на песочен саат. Откако ја открила тајната за неа, жените фанови ја практикувале исто како и актерката - исхраната се базирала на протеини, масти во строга диета, посебен режим од кој не отстапувала, наводно. Пред да се тушира, загревала чаша млеко, сипала две свежи јајца во него, ги мешала и напитокот го испивала. Заводливиот глас, како што се зборува, е резултат на пијалакот. Се одликувала и со чувствителна душа.
Целокупноста на чувствата, вклучувајќи ги и карактерните особини, свеста е особено важна за убавината во поширака смисла бидејќи се чини дека извира оттаму, на посебен начин. Факт е дека македонскиот е убав народ, а предимство имаат Македонките, нормално. Присутноста е огромна - буквално секаде, во сите домени. Насловната синтагма е врзана, нераскинливо и со дипломираната медицинска сестра Јасмина Софрони за која ќе речеме дека е жена со сите убавини во себе. Човекољубивоста ѝ е приоритетна во животот, како водечка идеја. Ја сака уметноста, но и убава книга и филм од секаков жанр, и џез и добро вино, и... Како што вели, на шега, не плови во брачните води - пливањето одамна не ѝ е хоби.
Интересноста е присутна и во десетте одговори на толкуте прашања од симултаното интервју на тема: убавина, женско-машки, т.е. машко-женски односи и уште нешто, за комплетен впечаток.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Ј. С.: Обемен е дијапазонот на еквивалент и индивидуално дефиниран. Првиот аларм кој допира е шармот кој го поседува лицето од спротивниот пол.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Ј. С.: Колку и да го занемариме фактот, сметам дека секој поединец што забележува прво е физикусот. Многу често, прв аларм може да биде бојата, тонот на гласот. Би го нарекла соединетост на физичкото и духовното. Не можам да одолеам на самодоверба, искреност, пријатен разговор, мноштво издозирани поединости.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Ј. С.: Самата природа на жената и мажот спроти неа подразбира заштитнички однос.
Се разбира, умерено. Кога би било нагласено повеќе, би имало опсесивен облик, кој пак има сосема друга карактерна нота.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Ј. С.: Несомнено господин, џентлмен и кавалер. Супериорноста создава бариера, која за мене е неприфатлива.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Ј. С.: Џентлменство. Почит, разбирање и негово рефлектирање на опкружувањето, во однос на емитувањето, именувањето на релацијата. „Фалби“ и „поседување“, застранување од рамките на приземното и разумното се одбивни во целост.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Ј. С.: Искрено, не сме поднебје со многу примери. Простете. Но, ќе посочам лик, секако - господинот Никола Димитров, реализиран во политиката, што не попречува да се забележи неговиот исклучителен шарм, интелект, самодоверба, умереност, елоквентност и изграден стил.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Ј. С.: Најголемиот број парнери, сопружници би се изјасниле дека пред сѐ се другари, вклучително и брачниот статус. Кога би анализирала од аспект на нови познаници, го поддржувам цитатот на Балзак. Да. „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Ј. С.: Не, спротивноста нема привлечна сила. И во математиката, „минус“ на „плус“ дава „минус“. Мултиплицирано со годините е ГОЛЕМ минус. Токму компатибилноста е синоним на успешната врска или брак.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Ј. С.: Ако постои тајна формула, тогаш навистина малкумина ја знаат.Унифицирана дефиниција исто така не постои.Толеранцијата како алка е клучна во синџирот, дополнета со искреноста, разбирањето и духовноста, како темели за надградба.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Ј. С.: Патријархатот и матријархатот се застарени, ретромодели за столб или титула. Еднаквост на обата родители со нивните полови карактеристики. Физички споредбено, жената не може да крене иста тежина на тегови во теретана како мажот, ниту пак перцепцијата на децата за мајчинскиот однос на мајката кон нивниот татко, каков што е кон нив, би била погрешна. Еднаквост и љубов. Најмногу љубов, онаа чиста, понекогаш детска, секогаш топла и искрена.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Јасмина Софрони