НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: КАТЕРИНА ШЕХТАНСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Освен убавината која е повеќе од забележлива, поради необичноста првенствено, актерката во Драмскиот театар - Катерина Шехтанска, меѓу атрибутите чија привлечност не може да се побие во никаков случај е и ведрото расположение што се гледа во нејзините очи, вклучително и насмевката која делува позитивно, без сомневање. Таа е неодолива и секако, ја одразува темпераментноста со примеси на оптимизам, но и жизнерадосност. Балетската уметност ѝ е прва љубов, а попатно се опробала и како телевизиска водителка. Била и пилатес и кикбокс и аеробик инструкторка. Без оглед на тоа што се занимава со глума и денес, професионално, сепак мисли дека може да биде искористена многу повеќе, и во театар и на филм. Се опишува себеси како брутално искрена, мрчаторка со краток фитиљ и правдољубива. Инаку е и мајка и сопруга.   

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

К. Ш.:Пандан на женската убавина би требало да е машката убавина, но сепак, како што минуваат годините, сите ќе се согласиме дека не е само убавината, иако морам да кажам дека на прв поглед мене тоа ме освојува. Но, постојат и други квалитети кои треба да ги поседува една личност без разлика дали се работи за маж или жена, а тоа е да поседува шарм, интелект, емпатија,храброст, самодоверба и ред други квалитети. Веројатно би била контрадикторна и би се побила самата себе кога би рекла дека не е сѐ во убавината, но на прв поглед секогаш е, барем за мене. Инаку, еквивалент или пандан на убавината е комплетната убавина (и внатрешната и надворешната) на секоја индивидуа, личност која поседува карактеристики и квалитети кои потајно сите ги посакуваме, а дел од нив и ги поседуваме, но не секогаш во полн состав.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

К. Ш.:Секако, веднаш „паѓам“ на физичките. И, колку и да набројувам понатаму (да не се повторувам), сепак не помалку важни се и умствените, иако најдобитна и најпосакувана комбинација е и двете.Не можам да одолеам на божествена убавина (ха-ха) - шарм,висина,извајано тело…Ако не ме освои од прва, нема никогаш. Понатаму и нема потреба од дискусија (ха-ха, малку шега, но и пола вистина).

ММ: Дека таинственоста е својствена за Вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

К. Ш.:Па, сметам дека некои жени се, за жал, веќе прочитана книга, веќе нема никаква мистерија за откривање, додека некои жени и тоа како сѐуште се под велот на мистериозноста, што мислам дека така треба и да остане за да биде поинтересно. Не е убаво да знае сѐ, нели!?

Инаку, општоприфатлив одговор би бил и самодовербата и заштитничкиот однос, тоа е повеќе од сигурно. Но, најдобитна комбинација сепак би била да има добар физикус, стил, да знае да те насмее, да те гушне кога си тажна, да ти подаде несебично рака во секој момент на слабост, да те бодри кога ти е најтешко и да осетиш дека имаш човек планина покрај себе во секаква прилика.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

К. Ш.: Значи, и господин и џентлмен и супериорно држење.., можеби таква комбинација би посакала. Жално е кај нас што или се едното или се другото, строго се држат кон некои стереотипи од типот јас сум мачо фраер, нема потреба од кавалерство или манири или, што знам, не сака да покаже слабост или солза да пушти.., додека, пак, од друга страна, овие работи во пакет би ги посакала секоја жена. Во секој случај, манирите на џентлменот, кавалерот, повеќе би ме привлекле визави мачизмот.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

К. Ш.: Па, да не се повторувам околу позитивните страни, погоре ги споменав, а одбивни ми се простотилакот, немањето свест за сопствената вредност, нападност без стил, немање манири и потценување на жената во секоја смисла, хејтање и комплекси, рој комплекси - тоа би ме излудило начисто.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

К. Ш.: Немам некој, а и неблагодарно би било да издвојувам само еден, иако почитувам маж кој поседува одредени држења и манири, успешен, маж кој знае да ја цени и поддржува својата жена (или партнерка) во секој поглед, кој не знае за лош или навредлив збор, би кажала дека тоа е, за мене, прав господин.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

К. Ш.: Мислам дека Оноре де Балзак одамна е веќе побиен во неговата изјава. Постои, и тоа како постои пријателство меѓу жена и маж. Не мора секогаш да има хемија помеѓу двата пола. Понекогаш, со некој, може да имаш само одлична комуникација, доверба и пријателство без притоа да ти кленцаат коленцата, да чуствуваш пеперутки, привлечност. Не секој маж може да ти го освои срцето. А, дека му е двосмислена изјавата - секако е (тоа, доколку може да ѝ биде љубовник, има друго значење). Ако се мисли дека, доколку има привлечност, тогаш ти станува партнер, сметам дека партнерот исто така треба да ти биде и најдобар пријател, ама тоа се две различни работи зашто, сепак, постои само пријателство, без никаква физичка привлечност. Конечно, во другарот не бараш атрибути на маж кој би те привлекувал, нели?

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

К. Ш.:Спротивностите дефинитивно се привлекуваат, сакале ние да признаеме или не. Ама тука, сепак, после сѐ, ако не се појави компатибилноста и истомисленоста барем, значи барем за одредени работи, не мора за сѐ (па нема да биде интересно за сѐ), тогаш сметам дека може да биде и мааалкуцка напнато, ха-ха. Ама, за успешна врска или брак се битни идруги фактори, и тоа уште мнооогу, како на пример толерантноста, љубовта која треба да ја има во изобилство, привлечноста (и после повеќе години), трпеливоста за одредени работи…Има уште, ама ќе станам напорна за читање, ха-ха.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

К. Ш.:Несвесно одговорив погоре, ха-ха.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

К. Ш.:Куќа на еден столб не се гради, поцврста е кога е на два, нели?

Затоа сметам дека и двајцата се. Иако, како велат, ако мажот е глава на семејството, жената е вратот, така што... Во никаков случај не сум за поделба.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Катерина Шехтанска