НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЛИДИЈА ЃОРЃЕВИЌ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Визуализацијата кога се работи за убавината, женската пред сѐ, во современите медиуми, средства за масовна комуникација, особено на социјалните мрежи во последните неколку години е многу слична со истата во минатото, уште од почетоците на сликарството, вајарството..., а подоцна и со појавувањето на филмот, печатот, манекенството..., само што различно е неговото стандардизирање на чија основа меѓу другото се темели и препознатливоста, прототипот на женската убавина во одреден период, епоха, ера, време. Оттаму и атрактивноста на темата за чија актуелност никогаш нема дилема. И следствено, прашањето за стандардите во врска со неа - кои се тие (што може и не се) во третото десетлетие од 21 век? Нормално дека разликата е и во нејзиното доживување, видувањето од страна на мажите и жените. Какво е вашето, на пример? Своето мислење изнесете го слободно во коментар. Притоа не мислиме само на надворешниот изглед туку и комплетно, на сите убавини.

Кога пак во пршање е Лидија Ѓорѓевиќ, нема сомневање - насловната синтагма едноставно ѝ личи, во секој поглед и се разбира, во пошироката смисла на зборот. Инаку е дипломиран инженер, специјалист по агрономија, но заради љубовта кон литературното творештво се занимава и со пишување афоризми, раскази, поезија за што повеќепати е наградувана. Благодарејќи на сочната, забавната и содржината полна со енергија, романот „Живот со фил“ чиј автор е таа направи бум на македонската книжевна сцена отворајќи низа скокотливи прашања. Голем интерес побудуваат и нејзините колумни што ги објавува на порталите и другите електронски медиуми во последните неколку години, на различни теми. Пасија ѝ е и сликањето и готвењето. За себе вели дека е многу едноставна, искрена, срдечна и хедонист, кој не би сакал да биде. По убедување е конзервативен традиционалист. Ако ги прашате за неа, познаниците ќе ви ја опишат со зборовите сончева, „откачена“, нестандардна, духовита..., полна со емпатија, секогаш подготвена да помогне и жестока кога се работи за правдољубивоста, додавајќи дека по секоја средба со неа се насмеани, но и побогати со некоја информација, од кој било домен. Несомнено и кога се работи за машко-женските односи, убавината - привлечноста, допадливоста..., имајќи ги предвид одговорите на прашањата од симултанката, во продолжение... Сигурно ќе ве воодушеват, па дури и насмеат за момент.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Л. Ѓ.:Без размислување- машката харизма и духовитост! Нема поголем афродизијак од хуморот. Но, како и женската убавина, така и тоа е почетокот. Веднаш потоа „копам“ во внатрешноста за да ја видам добрината во него. Сега, на овие години, речиси сосема небитна е површината.Важна е, но и покрај сѐ,доблестен маж, а сепак јак е клучната формула за зелено светло и понатамошно дружење.Преферирам и духовни мажи и корисни длабоки разговори.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Л. Ѓ.:Што се однесува до физичките атрибути, за мене идеално машко тело е тело на ватерполист. Одот, држењето и говорот исто така се она што го приметувам.Но, какошто кажав погоре, тоа воопшто не ми е пресудно. Вистинскиот маж го прават доследноста, храброста, несебичноста и способноста за одговорност. Маж кој е зрела и оформена личност.Мислам дека на мажите им е полесно во изборот. Доволно е жената да биде според нивниот стереотип или модел за жена.На жените им треба и тоа, но и восхит спрема мажот.Кога жената ќе го загуби восхитот - тој станува маже и оди во историјата.Засекогаш!Колкумина од мажите мислат дека се мажи за восхит?

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Л. Ѓ.:Јас и таинственост, мистериозност? Ха, ха, ха! Книга отворена до степен на наивност.И знам дека тоа можеби не треба така, но ете, не сум талентирана, а и не сакам играње игри.Тоа ме заморува,па така и очекувам од другата страна.Кога една врска веднаш ќе се постави на искрена, сосема отворена база, многу е леснода одите заедно во вертикала.Да растете во љубовта. А, штом има заткулисни игри, его- пренемагања, лаги, ништо од тоа не бива.Самодовербата кај мажот е во ред ако не преминува во ароганција.Не можам да поднесам агресивни, арогантни мажи, па дури и ако тоа е основано.Заштитничкиот однос кон жената и семејството е апсолутно негова обврска. Така било, така и ќе биде во природата на животните, а тамам работа да не е така и кај луѓето. Исклучително ги ценам грижливите мажи кои „пратат ситуација“ дали сѐ е во ред и веднаш реагираат согласно потребите на ближниот.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Л. Ѓ.:Господин човек значионој што е со Господ, боголик.Е, тука сме на мака. Подзаборавен или вид во изумирање.Вистински, чист, честит, верен.Благ, но строг како татко! Праведен и авторитативен, но мил и ољубовен! Србите имаат убав збор - чојство.Јунаштво е кога ја брани од другите, чојство- кога ја брани од себе.Самоконтрола на своите мани.Џентлмен- нежен, сталожен, маж со манири, со почит кон другите, галантен, маж кој знае да изненади, да преземе иницијатива и да се грижи да не ја снема рутината во врската.Креативните и широкообразованите мажи секогаш се на пиедесталот, ним не им требаат коцки на стомакот за да шармираат жена.Во тоа е нивната предност.

Мачизмот е за тинејџерките, ха, ха, ха!

Хм! кога ќе размислам, немам ништо против ни за „крапински човек“, но само во спалната соба, ха, ха, ха!

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Л. Ѓ.:Веќе кажав за грижливоста, доследноста и одговорноста.Амбициозноста мора да постои, да знае „кај тера“ и точно што прави. Ме излудува простотилак, ароганција,дрскост, насилничко однесување, инаетење, шалабајзерство. Одбивни ми се и снобизмот, фалбаџиството.Големите луѓе се срдечни и скромни.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Л. Ѓ.:Прв маж на кого ми текна е академскиот сликар Александар Станковски- Рембрант. И покрај тоа што е велик, екстремно креативен и образован (образован е и човек со образ), тој е и скромен, сталожен и ги има сите атрибути на маж, но со една умерена, ненападна авторитативна нота. Притоа има една аристократска пријатна надворешност.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Л. Ѓ.:Имам неколку многу добри другари уште од младоста.Ете, за мене тоа е можно. А, дали тие кога „опипале“ терен и виделе дека нема шанси за нешто повеќе, но сепак сакале да ме задржат во нивна близина, па си прифатиле пријателство, ќе треба да ги прашате нив, ха, ха, ха!

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Л. Ѓ.:Не мислам дека спротивностите се привлекуваат.Напротив, потребно е и тоа како да имаат пред сѐ ист систем на вредности.Да бидат на иста линија барем во 70% од мислењето. Ускладени.Во тој случај би имале повеќе можности за залевање на љубовта, и меѓусебната и на потомството.Веројатноста личноста која е одгледана со многу љубов, богоугодно воспитана, сето тоа зачинето со личен пример од исти такви родители, да отиде по лош пат е еднаква на нула.Сите тројца стануваaт есенција на љубовта. Испарува од нив. Ја шират и на другите, а тие го чувствуваат тоа, па и они некако се разнежени, ољубовени. Уште ако сте било родител, било дете во многудетно семејство, па уште и со внучиња, на радосниот спокој му нема крај. Најверојатно такви здрави и со љубов полни семејства ги одржале и нашите баби и дедовци во немаштија и војни. Оти имале пуњач, жаргонски речено.Кога си вклучен на адаптерот на љубовта, нема нешто појако што може да те измести, па дури ни смртта. Оти Христос ја победи, нели.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Л. Ѓ.: Веројатно. Да се вратиме на она што го имале нашите баби и дедовци.Да се знае кој е маж, а кој жена.Да се има комплетна доверба и почит. Љубовта не е заљубеност, ниту комфор.Затоа и се вели: и во добро и во зло.Таа е труд и жртва. Во денешно време глобалниот неолиберализам направи огромна штета врз семејството.Секој сам за себе, комплетна отуѓеност,попуштање на сите релации на блискост, дури и релативизирање на очигледното зло какошто е менувањето на што повеќе партнери.Жално и ужасно.

Се оди на онаа флоскула „не морам да правам компромиси и нема да се менувам“.Но, тоа е многу опасна размисла.Секако дека нема да можете да го промените вашиот темперамент и суштината, но маните и лошите навики и тоа како може и треба да ги смените како љубовна жртва. Тогаш и ќе ја олесните толерантноста на вашиот партнер која секако дека треба да постои до некоја граница, но и ќе станете достојни за секаква почит во неговиот свет.Но, човекот е створен по Божјиот образ, па така секогаш ќе бара нешто убаво, племенито и возвишено за да си ја наполни душата.Но, тоа е многу тешко во оваа ера.Влезени сме во социјален инженеринг и се работи на тоа луѓето што повеќе да бидат отуѓени емотивни инвалиди.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Л. Ѓ.:Се согласувам со Вас за поделбата. И треба да се има хиерархија, но… Само во случај кога мажот е прав маж, а жената права жена во нивната суштинска природа.Денес сѐ е извитоперено, дури и сквернавено. Ние(секоја чест на исклучоците) сме толку мрзеливи што од сѐ правиме импровизација. Па дури и од семејството. Детето нема да ве памети по тоа колку пари сте му дале туку по заедничките случки кои сте ги доживеале, односно по вашата присутност како мајка или татко додека растело.Живееме во стерилни и прагматични времиња.Каде е убавината? Не можете да очекувате да живеете убаво без убавина во вашата глава.Пазете на ситниците, ха, ха, ха!

П. С.Пред некој ден напишав статус во кој велам дека пред 10 години сум била патетична кога сум рекла дека сакам некој да ми ги бакнува рацете додека ми го рецитира Превер.Па си размислувам - тоа ниту кошта, ниту боли.Што фали некој маж така да ја изненади својата драга!?

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Лидија Ѓорѓевиќ