НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАГИ МЕДИЧИ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Сама по себе убавината е штура, несодржајна. Освојувачка е - да, но другите позитивни особини, т.е. доблести ја прават уште попривлечна и, секако, неодолива. Освен добрината, нејзина одлика е и топлината и срдечноста, вклучително и моралната сила, односно духот. Не само креативниот, се разбира. Туку и свесноста и... Маги Медичи е Македонка, без оглед на псевдонимот за кој се врзува познатото флорентинско семејство чиј придонес во унапредувањето на уметноста бил огромен. Така е позната во јавноста, генерално. 

Инаку, нејзин фах е модата и козметиката. Покрај стилист/шминкер, таа е и сосопственик на студиото Велвет. Доста чита, физичкото здравје го чува и со вежбање, иако е кулинар. Обожава добро приготвени и сервирани јадења, ресторански првенствено, вклучувајќи го и амбиентот. Се карактеризира себеси како неизлечив зависник од патувања и музика. Обично ги слуша Френк Синатра, Дин Мартин, Арета Френклин, како и шансони, претежно италијански, а незаобиколно ја споменува и долгогодишната врска со љубовта на нејзиниот живот. 

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. М.:Кога бев помлада, ми беше важно да ми одговара темпераментот на мажот со којшто бев и физичката убавина секако, но никогаш тоа не било пресудно. Шармот е оној што ме привлекува мене, страста во очите, начинот на којшто разговара со мене и тоа остана како дел од убавината што ми е неодолива. И кај жената е исто. Не секогаш е пресудно жените да изгледаат неодоливо за да привлечат некого, туку она што го носат во себе и што безусловно го даваат на светот. Интелигенцијата, смиреноста, насмевката на лицето, добрината на душата, смислата за хумор. Но, тоа што ме остава без текст се манирите и говорот на телото. Можеби е „олд скул“, но тоа е добитната комбинација. И кај мажите и кај жените, сѐ ова е еквивалентот или најголемиот освојувач на срцето,

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. М.:Јас сум „сапиосекшуал“. Важна ми е физичката убавина и, што е интересно, имам дури и тип на маж (физички атрибут), но тоа што ќе ме задржи е интелектот и неговото одесување кон мене.

ММ: Дека таинственоста е својствена за Вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. М.:Секогаш сум била отворена со моите емоции и секогаш ги покажувам за оној што е со мене, да знае точно како размислувам и да ме запознае подобро. Според мене, самодовербата кај мажот е најважна бидејќи само човек кој е сигурен во себе знае како да постапува со жена и да не ја изгуби. Важна е поддршката, посветеноста, нежноста и искажувањето љубов преку разни ситуации, емотивната зрелост и, секако, пријателски однос без предрасуди.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. М.:Џентлмен и господин човек истовремено. Мачизмот го сакаат тинејџерките, зрелите жени бегаат од мачо типови, нема таму церебрална привлечност.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. М.:„Олд Холивуд.“ Стара душа сум јас, културните манири, говорот на телото и почитта кон жената ми се најважни. Времето само за неа...И тоа се убави манири, не само подместување на стол во ресторан. Одбивно ми е вревење на јавни места, караници, флерт со други жени, непочитување, омаловажување и љубоморно однесување без причина.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. М.:Мојот, ха-ха. Затоа што е сѐ што набројав дека сакам кај еден маж. На ова прашање ретко кој ќе даде конкретен одговор затоа што веројатно не ги познаваме доволно мажите околу нас за да можеме да расудиме кој од нив е вистински господин и џентлмен. Има многу мажи што ги познавам од опкружувањето за кои сметам дека се прекрасни личности и вистински џентлмени. Еден од нив си ти, Игор. И ова навистина го мислам.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. М.:Секако дека е можна. Имам многу мажи блиски догогодишни пријатели што ми се многу драги и кои во меѓувреме се оженија, со исто толку прекрасни жени со кои продолживме да се дружиме и сум многу среќна поради тоа. Секако дека немаат сите пријателски намери, но со мојата отвореност уште на почетокот знаат на која фреквенција се.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. М.:Никој не се родил ист, ретко кој размислува исто. Но, веројатно има некоја хемија што ги спојува луѓето и таа е пресудна. Повторно ќе речам дека заемното разбирање, љубовта и довербата е онаа сила што ја одржува здравата врска.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. М.:Секогаш се ставам во туѓи чевли. Оттука произлегува и толерантноста која и јас ја очекувам од партнерот. Отворени емоции, давање љубов секојдневно, нежност, смирен разговор и, се разбира, комплименти во двете насоки.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. М.:Немам конкретно замислена улога, но тоа што можам да го направам сама, го правам. За сѐ друго имам поддршка. Животот ме научи да не очекувам ништо од никого и, веројатно, од таа навика не се бега. Одлуките заедно ги носиме, тоа е најважно. Го одржуваме столбот цврст.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Маги Медичи