НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ГЛИГОРОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нема сомневање, убавината и естетското сфаќање на животот или естетицизмот, кажано поинаку, се поврзани цврсто, непопустливо - едното без другото не може. И обратно. А и уживањето во неа има некоја посебна драж. Впрочем, кој може да ѝ одолее. Особено на женската. И покрај тоа што вкусовите се различни (не се расправа за нив, докажано), таа е апсолутен владетел на срцето. Надворешниот изглед во комбинација на духот, душата на жената е „ком ил фо“, како што би рекле Французите, меѓу нив и Шарл Бодлер чија глорификација на убавината ја надмина и вредноста на златото, велејќи дека тоа (златото) може многу, а таа (убавината) - уште повеќе.

Убавината секако е една од најголемите одлики на Македонките, вклучително и неодоливата привлечност, а Маја Глигоровска, инаку одделенска наставничка, го потврдува гореспоменатото, претходно наведеното. Ги сака патувањата заради можностите кои ги имаат, т.е. нудат - запознавање на нови луѓе (народи), култури... Но, силната љубов кон модата едноставно надвладува. Како што вели, постојано во главата си прави комбинации на облека, делови од гардеробата бидејќи сака да се дотерува, опишувајќи го својот начин, стил на облекување како шик, во исто време и урбан и класичен, зависно од пригодата. Ужива во убавината на животот - максимално. По 5 години брак, се разведе од сопругот.

Одговорите на прашањата од симултанката ќе ве замислат, особено на тоа за вистинскиот џентлмен оттука - Македонец. Кој е правиот господин човек според неа, во продолжение... Меѓу другото.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. Г.:За мене, тоа е дефинитивно шармот - неминовно, но има нешто многу поважно - повеќе почитувам маж со изграден став и принципи, храбар и решителен, господин човек, молчалив, но сигурен во себе, кај кого од „авион“ се гледа дека знае што сака и во кој правец се движи.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. Г.:За некој да ме привлече на прв поглед, нормално дека ги перцепирам телесните квалитети, но не би можела да поминувам часови и часови во друштво на некој со кој немам муабет и не се разбирам. На умственото му давам предност ако треба односот да трае.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. Г.: Како што кажав погоре и ќе додадам: заштитник - да, апсолутно. Впрочем, така функционира и природата. Мажот мора да е маж во вистинска смисла на зборот, за да остави простор за жената да се чувства како жена. Храбар, решителен, комуникативен, шармантен и човек кој има свое мислење за сѐ, макар и се конфронтирале 24 часа.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. Г.:Предимство ќе дадам на комбинацијата од двата, господин човек со примеси на мачо. Сепак, сакам да ми е интересно во негово друштво. Релацијата одвреме-навреме да се разбранува е здраво за нашиот однос. Само тоа да е симпатично.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. Г.:Ме привлекува кога и тој дава предлози за локација каде да одиме, што да купиме за подарок кога одиме на прослава, каде да се помине продолжениот викенд, сакам кога ќе ми даде комплимент за било што и со тоа ме мотивира да одам напред. Одбивно ми е кога некој постојано чека јас да дадам предлози и да ја решам секоја ситуација. Ме одбива и ако некој постојано ми бара мани и ми кажува како е правилно да постапувам.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. Г.:За мене, господин човек ќе биде оној јунак кој ќе го среди здравствениот систем во нашата земја. Секој да има право да се лекува достоинствено од причина што сите сме потенцијални пациенти. Не сакам никој повеќе да чека по шалтери за здравје и да нема термини за итни и сложени случаи. Кога ќе се појави тој човек, сетете се на мојот одговор. За него сигурно ќе речам браво, алал - ти си прав господин, од мајка роден.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. Г.:Пријателска врска е можна со секој што нема афинитет да ви стане љубовник. Доколку направи чекор, а вам ви е барем симпатичен, доколку поминувате време заедно, таму веќе нема гаранција. Јас имам машки пријатели, но не можам да знам дали, ако сум им дала повод, не би пробале нешто да направат да ме освојат. Комплексно прашање... ме наведовте да размислувам.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. Г.:Треба да има страст и привлечност и она што е најважно - да имаме иста цел во животот. Нема успешно партнерство онаму каде што се движите во спротивни насоки.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. Г.:Во последниве години многумина ја мешаат толерантноста со „трпењето“. Да имам праг на толеранција е едно, а да трпам било што заради нешто што добивам е компензација или пазарење. Во хармонична врска - да, секако... толеранцијата е на прво место. За сѐ е потребен дијалог, па доколку проблемот е решлив, се надминува.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. Г.:Да бидам искрена, не се согласувам дека таткото по дифолт е столбот. Зависи од неговиот карактер и од тоа како се поставени работите по дома. Некаде жената е и маж и жена и дадилка и психолог, а таткото по цел ден е отсутен и посветен на кариерата. Има и обратни случаи, така што индивидуално е и нема универзален одговор и заклучок на ова прашање.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Маја Глигоровска