НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ГРОЗДАНОВСКА ПАНЧЕВА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Освен машко-женските односи за кои се водат бурни расправи, присутни и во симултаното интервју, женската убавина исто така е тема за која се кршат копја генерално. Нејзиниот естетски идеал го диктира модерноста и секако, произлегува од канонот на определеното време, доба, период. Различноста е таа што има пресудно значење, оттаму и нејзината привлечност која, пак, е резултат на индивидуалноста, посебноста. Можеби се работи за ведра насмевка, бистар поглед, лесен од..., сеедно. Таа - убавината е во неа и незаобиколно, во негуваниот изглед. А, душата или внатрешниот, ментален живот, кој се однесува на свеста и на духот, само ја комплетира сликата за неа. Впрочем, карактерот - наравот, природата на жената е најважната компонента на нејзината убавина чија неодоливост е извична, но не и прашална, интерпункциски. Останатото е лажен привид.
Гореспоменатото некако природно се врзува со Маја Гроздановска Панчева, инаку професорка по музичка теорија и педагогија, вработена во Националната опера и балет. Целосно посветена на работата и на семејството, кога има време, сака да зготви нешто убаво, да се подружи со ќерките на PS4. Наутро обично практикува јога, навечер пешачи со Дарко, а во меѓувреме и покрај домашните, работните, семејните обврски, се релаксира со филм, за свое задоволство. Често и фамилијарно.
Паузата меѓу активностите, обврските ја искористи за да одговори на десетте прашања од симултанката, во контекст на веќе наведените теми - односите меѓу жените и мажите и секако, убавината во поширока смисла. Еве ги нејзините размислувања...
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. Г. П.: Според мене, тоа е шармот затоа што сметам дека тој што има добро срце, има и шарм.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. Г. П.: Најдобро би било кога физичкото и умственото би биле заедно, но тоа секогаш не е така, нели? Не можам да одолеам на мило лице и убава насмевка.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. Г. П.: Мислам дека во односот меѓу жената и мажот треба да има пред сѐ заедничко почитување, искреност и разбирање. Ако парот успее да ги спои овие три елементи, нема да има никаков проблем во нивниот однос.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. Г. П.: Предност би дала на човек кој е кавалер, но и џентлмен.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. Г. П.: Како и на многу други, така и мене не ми се допаѓа препотентноста и дрскоста. Почитувам искрени и личности кои цврсто стојат на земја.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. Г. П.: Сигурна сум дека ги има, но во моментов не би можела да издвојам некој посебно.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. Г. П.: Оноре де Балзак бил паметен човек и не знам зошто не би се сложила со него. Колку и да се спријателат мажот и жената, спротивноста на половите со текот на времето ќе ги натера да навлезат во подлабока врска.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. Г. П.: Според законот на природата, спротивностите се привлекуваат, но сепак, според мене, за една љубовна врска или брак да опстои подолго време, треба да имаат заедничко размислување и разбирање за многу работи со кои се соочуваат.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. Г. П.: Толерантност мора да постои бидејќи секој човек е подложен на грешки, но сепак, сето тоа да биде во одредени граници на нормално човеково однесување.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. Г. П.: Според моето согледување, но и според искуствата на многу мои пријателки, точно е дека мажот е главата на фамилијата, но да не заборавиме дека жената е вратот.
Игор Ландсберг
Фотографии: Приватна архива на Маја Гроздановска Панчева