НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ПЕХЧЕВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Убавината е широк поим, нема сомневање. Оттаму и различните доживувања, т.е. видувања на истата. Без оглед на полот - машки, женски. Во тоа е и нејзината привлечност. Имено, разликата во сфаќањата по малку е интригантна, но сепак има големо значење во меѓусебниот избор на љубовната, брачната двојка. Битно е усогласувањето на нивните гледишта врзани со убавината. И покрај тоа што првичната асоцијација е надворешниот изглед, во комбинација на духот во моралот, нејзината чистота, вклучително и умот, разумот, интелектот - неодоливоста е загарантирана. Дури и познатите артистки кои важеле за големи заводнички ја истакнувале комплетноста на личноста. Изгледот е само дел од мозаикот и најчесто се поврзува со мајката природа и негата. Од друга страна, пак, шармот (симпатичноста, привлечноста, допадливоста) е резултат на самодовербата, самосвеста..., меѓу другото. Нивната испреплетеност, синџиреста поврзаност има особена важност. И синтагмата „Неодолива убавина, македонска“ е така осмислена и секако, произлегува од неа. Изреките ја потврдуваат, меѓу нив и „Убавината не е само во лицето туку и во светлината која зрачи од срцето“, како што велел либанскиот пишувач Калил Џибран.
И едната и другата е својствена за Македонките воопшто, без оглед на нивната индивидуалност. Важат за комплетни личности, несомнено. Истото се однесува и на Маја Пехчевска, инаку доктор по економски науки. Таа всушност е дипломиран историчар на уметноста и археологијата, магистер по претприемништво и автор на две книги: „Семејни бизниси“ и „Ефективноста на малите и средни претпријатија во Република Македонија“. Приватно е сопруга и мајка на Матеа (21), студент на UVA - University of Amsterdam и на Максим (15 г.), ученик во „Нова“, втора година. Како и секој родител вели дека децата ѝ се најголемото богатство, до денес нема пропуштено ниеден ден од нивниот живот, а дневните задолженија - домашните, семејните обврски ги извршува во согласност со нивниот распоред, приспособувајќи се на него. Ужива во заедничките патувања, но и во гледањето филмови не само дома, навечер обично, туку и в кино. Себеси се декларира за филмофил, речиси не пропуштила ниту еден, ни нов ни стар.
Кога се машко-женските односи во прашање, вклучително и убавината - главната тема на симултаното интервју (симултанката), нејзините размислувања можете да ги прочитате во продолжение... Одговорите се искрени - без фингирање.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. П.: Неговиот шарм, дефинитивно.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. П.: Умствените, се разбира. Не дека физичкиот изглед не ми е важен, но пресудни се умствените. Со човекот кој ќе го засакате треба да можете да живеете, да комуницирате, да споделувате, да имате со кого на крајот на денот да си раскажете еден со друг како сте го поминале тековниот ден.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. П.: Најпрвин ги забележувам очите, кога имате еуе contact и кога ќе заигра нешто во вас - е, тоа е тоа. Сакам сериозен маж, стабилен во донесувањето на одлуките и нормално, заштитнички однос во чии прегратки се чувствувам сигурно. Кога грешам, сакам да ме поправи, да ме укори, не сакам маж кој по секоја цена ќе ми учини, ќе се сложи со мене. Сакам и кога мажот останува на својот став, мислење.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. П.: Во принцип не сакам мачо - набилдан, налицкан кој можеби ќе стои повеќе од мене пред огледало. Господин човек, џентлмен - е, тоа е нешто друго. Мислам дека секоја жена сака внимание, нежност и разбирање, а тоа нема да го добие од мачо.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. П.: Спонтаноста, љубовта и довербата ми се најважни. За некој маж да те фасцинира, да направи нешто големо, за мене не е ништо. Секој може да смисли и да направи некое изненадување, но личноста се гледа во спонтаноста и малите нешта. Џабе ви е некое изненадување: букет, патување..., ако во секојдневието имате монотон заемен однос, секојдневно непочитување, карање. Одбивни ми се токму мачо мажите и оние кои мислат дека со пари се купува сѐ.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. П.: За да одговорам со име, би требало да го познавам добро бидејќи за да биде џентлмен, треба да му го познавам карактерот. Би кажала дека мојот сопруг е вистински џентлмен.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. П.:Не, секако дека маж може да ѝбиде пријател на жена, дури мислам дека мажите се подобри пријателите отколку жените. Жените понекогаш можат да бидат завидливи и љубоморни едни на други, но мажите секогаш се искрени и подобри пријатели. Сепак, би издвоила дека кога ќе добијам комплимент од жена, навистина ми значи многу.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. П.: Дека „спротивностите се привлекуваат“ - би се сложила и тоа во однос на карактерот, мислам дека скоро во секоја врска едниот партнер треба да е поопуштен, поприземен, додека пак другиот може да биде пожив, поенергичен. Меѓутоа, кога се личните интереси (патувањата, гледањето филмови, читањето книги) во прашање - е, тогаш мислам дека партнерите мораат, ама баш мораат да имаат еднакви интереси, а со тоа и успешна врска или брак.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. П.: За успешна врска, брак е потребно и двајцата да сакаат да успее истата. Љубовта, разбирањето, толерантноста, блискоста на партнерите, секојдневните разговори по еден поминат ден би ги издвоила како ритуал за нивно зближување. Секако, морам да нагласам дека љубомората и посесивноста се основните „алатки“ кои водат кон пропаст на една врска.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. П.: Во целост се согласувам со Вас, мажот е оној што е столбот на семејството, мажот е оној што треба да се грижи (во секој поглед) за жената, мажот е оној што е главен во семејството. Можеби звучи премногу патријархално, но навистина сметам дека жените сѐ повеќе и повеќе се „мешаат“ во „машките“ работи. Според мене, жената не е таа што треба да гради кариера по цена да си ги запостави семејството, куќата, а најмалку децата. И навистина не би можела да гледам маж во кујна или да ми чисти по дома. За мене маж е мажот кој носи дома, кој се грижи за сите нас. За жените одобрувам титули, но не и функции.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Маја Пехчевска