НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИНА СТОЈАНОВА ТОНЕВА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Големиот швајцарски филозоф (моралист), поет и критичар - Хенри-Фредерик Амиел во една пригода изјавил: „Гледајте двапати за да видите што е исправно. Не гледајте повеќе од еднаш за да ја видите убавината“, но ние (луѓето) секогаш гледаме одново во потрагата по убавината кога е женското лице во прашање. Кои се причините? Одговорот на прашањето навистина е обемен затоа што иницира уште неколку: дали е субјективна, од што зависи - дали е обусловена, што се крие во позадината..., за кои се обидуваме да ги надвладееме и културните конјуктури. Без оглед на бројните истражувања со цел да се апсолутизира убавината во смисла на надворешниот изглед, која е затемелена на параметрите за устата, контурите на лицето и оддалеченоста меѓу очите (наводно, жената чие растојание меѓу очите изнесува 46% од вкупната ширина на лицето е убава), сепак се чини дека таа (строгата сразмерност) може да им послужи исклучиво на фанатичните вајари, сликари, фотографи..., никому повеќе. Дури ни Леонардо да Винчи не мерел ниту премерувал кога ја сликал Мона Лиза, ни старите Грци... Теоријата и практиката многу често се разидуваат. Нобеловецот Херман Хесе веројатно бил во право кога велел (генерализирајќи) дека убавината не го прави среќен оној што ја има, туку оној што може да ја види, да ѝ се восхитува, да ја (за)сака. Оттаму и субјективната претстава, визија за истата. Вклучително и асерцијата дека убавината сепак е чувство, па и став.

Кога се работи за македонската, нема дилема - едноставно не може да ѝ се одолее. Во пошироката смисла на зборот, се разбира. Нормално, синтагмата е својствена и за новинарката, порано и уредник, чие репортерство го опфаќа и военото и постојаното дописништво на МТВ од Брисел - Марина Стојанова Тонева, која за себе вели дека храброста, силното чувство за личен интегритет, неверојатната желба за сѐ поголеми предизвици, енергичноста и слободата како императив се само некои од битните одлики што ја карактеризираат. Сака убави нешта - добра храна, квалитетно вино, убава музика - хедонизмот е всушност и другото име на префинетиот вкус, а пропо нејзината саркастична смисла за хумор. Но и долги патувања. Вклучително и планинарење (обично на Водно) и читање (има солидна библиотека од 400 книги, па и повеќе) и пишување... Инспирација не ѝ недостига и кога слика (масло на платно), најчесто во доцните часови. Секако, ги сака и животните, уште како дете (моментално чува само мачка), но и јава на коњ - тоа е дел од семејната традиција. Во брак е дваесетина години, со сопругот кој во исто време ѝ е и партнер и љубоник и критичар и другар има три деца, синовите Ѓеорги и Дамјан и ќерката Ана - тие се нејзиниот свет, а таа е нивниот ветер во грб. 

За вас, читателите на „Машки магазин“, ги сподели размислувањата за убавината, машко-женските односи..., темите за кои постојано се водат полемики. Збор да нема - интригантни се, отсекогаш.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. С. Т.:Ако женската убавината ја гледаме во две димензии, како слика, како форма без суштина, веројатно еквивалент би била машката убавина. Сепак, убавината е далеку покомплексна. Убавината зрачи од човекот со добрина, со емпатија. Би го цитирала Петре М. Андреевски - „Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи...“ -  некако најмногу ми одговара овој опис.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. С. Т.:Никогаш не би го потценила впечатокот на прв поглед. Ако некој не ми се допаѓа физички, би било бизарно комуникацијата да продолжи во поинтимен однос. Секако, критериумите со текот на годините ни се менуваат. Но, едно останува исто, а тоа е начинот на кој мажот ќе ја погледне жената. Поглед кој по малку е дрзок, а сепак длабок - како да сте единствената личност во универзумот. Тоа е тој поглед од кој се одзема здив и колена треперат. Да го има она „нешто“ кое шмека, кое интригира. Космополитизмот, отвореноста, благородниот карактер, самодовербата, смелоста, силното чуство за личен интегритет, кое нема да го користи за да ја засени жената покрај себе, ниту да се плаши од нејзиниот успех, интелектот и образованието, авантуристичкиот дух, смислата за хумор - чиста 10-ка. Широки рамења, цврсти раце, негувани дланки секогаш се ИН. 

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. С. Т.:Едноставно е.Поддршката меѓу двајцата партнери се подразбира, дури и кога сѐ ќе оди по ѓаволите, потребно ми е да ми каже само “не грижи се, ќе помине“. Џентлменство - ДА, туторство - НЕ. Отворено, без грижа на совест ќе кажам дека ги презирам сите оние кои, поради сопствената малодушност и кукавичлук, глумат слатки, немоќни, невини принцези, па потребен им е заштитник, некој мачо кој ќе им ги реши сите проблеми.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. С. Т.:Џентлмен, со сосема мала доза на безобразлук, доволно за да се зачини врската, да се разбуди страста, да не биде монотоно, ниту извештачено. Надменост „no pasarán“. 

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. С. Т.:Доминантен маж со изграден авторитет е тоа што ме привлекува. Маж кој многу збори не ми се допаѓа, па не знам и колку било забавно. Сакам човек од акција. „Бахатост“ ме одбива, како и недостаток на културно однесување, простотилак, мрзливост, неамбициозност, малодушност, „немање поим“ што се сака од животот, вечити плачковци кои за сенешто им е крив друг (државата, владата, времето, работодавецот), оние кои се држат за сукњата на мајка им, гребатори... Листата е долга.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. С. Т.:Во моето најблиско опкружување ги има повеќе. Иако би звучела субјективно, ќе го издвојам мојот сопруг. 

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. С. Т.:Убавата жена секогаш ќе ги привлекува мажите. Интелигентната жена на дискретен начин ќе умее да посочи дека интимноста е невозможна уште пред мажот да се охрабри да биде послободен. Ако е мудар, ќе умее да изгради пријателство со неа. 

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. С. Т.:Мислам дека спротивностите кои се привлекуваат се преценета категорија. Симпатични на филм, но во реалноста нефункционални. Он битанга - она принцеза. Токму тоа не ми се допаѓа. Премногу лигаво за мој вкус. Навистина ми е тешко да се замислам да поминам живот со некој што би бил чиста спротивност од мене. Ни еден филм не би изгледале заедно, а да не се скараме. Се шегувам, секако. Заедничките интереси, афинитетите, целите се тие што еден пар ќе го водат напред. Ако едниот кочи, заостанува, не гледа во иста насока, одржувањето на врската би била напорна. Постојано барање на комромиси за мене е вистинско мачење. 

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. С. Т.: Довербата ми е најважна. Толерантноста или трпеливоста не е карактеристика која ја поседувам. Едноставно не сум создадена, ниту воспитана да трпам нешто што не ми се допаѓа. Но, не сум осудувачки тип. Ако е некоја тајна, тогаш тоа е прифаќањето. Ги прифаќам лошите или помалку добрите страни, исто како и оние кои се во суперлатив. Сакам да го гледам целиот пакет. Зошто би губела време со менување на личноста која своевремено ми се допаднала баш затоа што е таква? Тој е мојот избор. Совршен нема, но затоа пак може да биде посебен, единствен... 

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. С. Т.:Динамиката на модерното живеење не дозволува стриктна поделба на обврските. Сметам дека мажот и жената се двата носечки столба на куќата. А, тие секогаш се одвоени еден од друг. Ако се споени, покривот би паднал. Метафорично, просторот меѓу нив, односно слободата е неопходна за да не се гушат во врската. Ние имаме три деца и сите  активно спортуваат, а тоа бара добар план, енергија, време. Дури и кучето кое го имавме го шетавме на смени и во 1 часот по полноќ. Долго време живеевме во странство, сами без „баба сервис“ или соседи на кои можевме да се потпреме. Само добра организација, прифаќање на состојбите и посветеноста на еден кон друг нѐ одржа таму каде што бевме и таму каде што сме сега.


Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Марина Стојанова Тонева