НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИС ЏОЛИН

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

За псевдонимната инфлуенсерка се пишува доста бидејќи Марис Џолин, како што ја знаат повеќето, е жена со буквално сите убавини во себе, и во смисла на привлечност, допадливост и кога се работи за доблестите или доблесните постапки. Авангардноста ѝ е амблемна, своевиден заштитен симбол, знак меѓу останатото, како на пример уникатноста и елеганцијата, кои се забележливи не само на Инстаграм, каде што има дури 52.600 следбеници, туку и приватно, каде било. 

Истовремено е и модел чии фотографии се присутни во тукашните магазини. Без оглед на тоа, М. Џ. е доследна и на својата професионална ориентација, т.е. архитектурата. Нејзиниот креативен, творечки дух е видлив секаде, таков ѝ е пристапот и во работата, се разбира. Не случајно ги обожава „уметничките“, односно луѓето чиј артизам едноставно зрачи од нив самите. И фотографирањето ѝ е пасија, вклучително и цртањето, моделирањето и читањето информативни, како и книги за личен развој, но и слушањето музика и спортувањето и авантуристичките патувања. Неодамна стапи во брак, а медиумите на интернет ја одбележаа прославата. Сепак, М. Џ. за овдешната читателска публика одговори на десетте прашања од симултаното интервју, а темата е, како што знаете, односот меѓу жената и мажот. И уште повеќе.   

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. Џ.: Порано, како и сите други, и јас мислев дека спротивностите се привлекуваат. Сега веќе на неколку наврати ми се има докажано сосема спротивното. Еквивалент на женската убавина е машката убавина, еквивалент на женскиот шарм е машкиот... Нешто кое ме привлекува на прв поглед се манирите и говорот на телото. Потоа секако очите, харизмата, смислата за хумор. Вистински џентлмен, уметничка душа може да ме остави без текст. Ретки се, но ги има.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. Џ.: Нормално дека физичкиот изглед е оној што привлекува. Вистинскиот маж секогаш има исправен и сигурен став, јасен поглед, сталоженост... На вистинскиот маж ниту една жена не може да му одолее. Ако зборуваме за нешто конкретно од физичкиот изглед, прво ги приметувам рацете.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. Џ.: Според мене, самодовербата и стабилноста кај мажот се најбитни. Вистинските дами знаат кога да бидат таинствени, а кога директни. Тајната на успехот во што било и да правите е балансирањето.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. Џ.:Џентлмен и господин човек истовремено. Супериорно држење, ама во однос на мажите. Ми се допаѓаат физички спремни машки, тоа ми дава некое потсвесно чувство на сигурност. Кавалерство, харизматичност и, секако, добра смисла за хумор се секогаш добра комбинација.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. Џ.: Културните манири и почитта кон жената ми се битни. Време одвоено само за неа, внимание во вид на подарок. Тоа не мора да е некој прескап подарок, но да е одбран со внимание. Не знам зошто, ама подарокот прави ние жените да се чувствуваме сакано, сетено... Уште од најстари времиња жените биле дарувани со подароци за различни поводи. Претпоставувам дека тоа ни останало во срце како начин на изразување љубов до ден-денес. Одбивни ми се караници, флерт со други жени, непочитување, омаловажување и љубоморно однесување без причина.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. Џ.: За мојот, ха, ха, ха! Сѐ што имам набројано погоре се карактеристики што ги поседува тој.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. Џ.: Нормално дека се согласувам. Секоја зрела личност го има сфатено тоа.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. Џ.: Мислам дека треба да има истомисленост за успешна и среќна љубовна врска/брак. Како што напоменав претходно, мислам дека сличностите се привлекуваат, а не спротивностите.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. Џ.: Јас сум личност која секогаш тргнува од себе. Кога има некое недоразбирање или проблем, секогаш се ставам во истата ситуација и размислувам што јас би направила доколку сум на тоа место. Затоа, заемното разбирање, љубовта, довербата,но и толерантноста пред сѐ е онаа сила што го одржува здравиот брак/врска.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. Џ.: Иако сметам дека има улоги во фамилијата кои се за мажот и улоги кои се за жената, сепак потребна е заемна поддршка за битните одлуки. Столбот на семејството го градат и мажот и жената.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Марис Џолин