НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ПАВЛИНА СТЕРЈЕВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нема сомневање, кога се работи за убавината, во смисла на изгледот (надворешниот, секако), природната е ненадминлива. Карактерот ја придружува во привлечноста, како целина. Заводливоста, благодарејќи на одликите на жената, е дел од културата на однесувањето, доколку не биде вулгарна, се разбира. Природната исто така не може да се надмине. Во 1960-тите и 1970-тите, Клаудија Кардинале се истакнувала со глумечката вештина, убавината и секако, привлечноста - имено, италијанската глумица, родум од Тунис, важела за голема заводничка. Уште во младоста била прогласена за најубава Италијанка во родната земја. „Лос Анџелес тајмс“ ја именува „една од најубавите глумици на сите времиња“. Во светот на филмот влегла на 20-годишна возраст, а денес има 84. Неодамна ја посети Македонија, со ќерка ѝ. Присуствуваше на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Но, кога е македонската, женска убавина во прашање, со придавката „неодолива“, изборот е голем. Очигледно дека и генезата е многу важна, т.е. значајна - флагрантно. Павлина Стерјевска е биотехнолог по вокација, која работи како службеничка во градежна фирма во Германија каде што живее 8 години, а истовремено е и сопственичка на дуќан со аксесоари. Нејзиниот слободен дух е забележлив и во патувањата, со кои го исполнува времето на разонода, истражувајќи ги знаменитостите, културите, традициите во местата што ги посетува. Исто така ужива и во читањето книга и во слушањето музика и во готвењето и во спортувањето и секако, во долгите разговори со блиските. А, своите чувства обично ги преточува во пишан текст.

Чувствено одговори и на десетте прашања од симултаното интервју. Темата е добро позната - убавината и неминовно, машко-женските односи за кои секогаш се кршат копја.  

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

П. С.:Според мене, женската убавина е единствена, доколку се гледа од физички аспект. Но, женската убавина не би била толку благородна без надополнување со машкиот шарм. Сепак, убавината е релативна и доколку не постојат човечките карактеристики - добрина, емпатија, цврст карактер, продуховеност и уметност, таа не би опстанала.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

П. С.:Кога зборуваме за атрибути, шармот игра клучна улога, но сепак предност би му дала на цврстиот став, стабилноста, манирите, карактерот, бонтонот - личност со визија и продуховени вредности.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

П. С.:Како жена можам да потврдам дека ме плени и освојува машкиот заштитнички
став, но, се разбира, спротивниот пол да не биде задушен од истиот. Сепак,пресудно е да
сфатиме дека еднаквоста помеѓу двајцата партнери во едно поле игра главна улога.
Љубомората не ја поднесувам во ниеден случај бидејќи секоја личност со изграден
карактер ги познава и цени сопствените, а и вредностите на спротивниот пол. Жената мора да биде самостојна, своја и независна, со тоа и исполнета, донесувајќи сама независни одлуки. Мажот треба исто така да биде свој, самоуверен, горд и да ја поддржува женската волја како заемна и единствена. Сепак, треба да постои компромис.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

П. С.:Предност би дала на кавалерството,ако личноста навистина го поседува и
тоа не е само фарса. Мачо не поднесувам во никој случај, тоа е вештачко, неприродно и стекнато однесување. Ме плени искрен и цврст став, визија на секое поле, благороден дух и традиционален човек. Сепак,сметам дека традицијата во еден карактер е одлика на добро домашно воспитување.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

П. С.:Би сакала човек со вистински манири кои доаѓаат од домашното воспитување.
Маж со цврст чекор, кој знае точно што сака, маж кој се восхитува на целокупните женски вредности.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

П. С.:Кога веќе морам да одговорам на прашањето кој македонски маж е вистински џентлмен, несебично ќе кажам - татко ми. Господин во секоја смисла на зборот, човек на кого зборот му значеше повеќе од делото. Продуховен на секој можен начин, цврсто и сигурно газеше на тлото. Безрезервната љубов кон мојата мајка ја покажуваше на секој можен начин.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

П. С.:Досега копнеев да запознам и да имам пријател од спротивниот пол, но, за жал, тоа не се случи. Мислам дека постои привидно пријателство кое, за жал, понатаму и без поттик од женската половина, прераснува најчесто во желба за нешто повеќе. Во целост се согласувам со Балзак.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

П. С.:За успешна врска или брак се потребни многу фактори. Пресудна е симпатијата, но уште поголемо значење има вклопувањето на карактерите, Компромисот игра особено важна улога за љубовта да биде љубов, а не измачување. Една вистинска врска или брак може да биде успешна само доколку партнерите знаат да бидат вистински уметници. Живееме во време во кое толеранцијата е на ниско ниво, затоа ќе напоменам уште еднаш - сакам нешта кои траат, но за да траат, не е потребна само љубов. Најзначајна улога игра уметноста на одржување на врската или бракот. А, тоа, повторно ќе напоменам, доаѓа од домашното воспитување, интелектот, трпението и желбата за верување во чуда. Сепак, љубовта е една огромна мудрост.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

П. С.:Според мене, тајната на еден успешен, среќен брак или љубовна врска е во комуникацијата на партнерите, толерантноста е од особена важност, исто како и лојалноста и уметноста за нештото да биде истрајно.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

П. С.: Столбот на семејството треба да биде заемна титула на двајцата партнери кои, без оглед на тоа што се две посебни единки, ќе функционираат како една сплотена целина.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Павлина Стерјевска