НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: СЛАЃАНА ШТИМАЦ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нема дилема кога е убавината во прашање, македонската секако - таа е неодолива. Просто е така. Интелигенцијата не само што ја дополнува, туку и ја истакнува. Секако, убавината со интелигенцијата се „perfect combo“, како што вели адвокатката Слаѓана Штимац во симултаното интервју за машко-женските односи, на самиот почеток и во друг контекст. Сигурно ќе ви се допаднат нејзините размислувања, можеби ќе ве инспирираат, но и ќе ве замислат дефинитивно. Исто така, ќе придонесат и да се спознаете самите себеси, првенствено умствената зрелост.

С. Ш. инаку е сопственичка на адвокатска канцеларија во Скопје. За елоквентноста, вклучително и дискурсот, нарацијата воопшто, нема да беседиме, напротив сами ќе ја увидите. Впрочем, адвокатурата ѝ е страст. Очигледно и читањето. Активно спортува и, како што ни откри, навива за ракометната државна репрезентација. Кога се работи за Лигата на шампионите, нејзин фаворит е „Вардар“. Освен тоа, С. Ш. има пасија и за сликање на платно, а често и патува. И да, ги цени различностите или не ги суди, поточно.  Впрочем, сепак е 21 век, нели!?

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

С. Ш.: Ако прашањето се однесува на физичкиот изглед, дефинитивно го издвојувам шармот. Ако еден маж ги поседува двата атрибути, тоа е „perfect combo“ (з.н. совршена комбинација).

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

С. Ш.: На ова прашање не можам да одоговорам со или-или. Од физички изглед прво ја издвојувам висината, па стилот, потоа следат очите и забите. Прво ја приметувам висината, сметам дека е битна особено за високите жени. Ми се допаѓаат мажи кои знаат да ги искомбинираат парчињата гардероба, исто така забележувам очи (поглед), а сакам и средени заби. Не сакам да звучам досадно, но, дефинитивно, во очите носиме свој универзум, кој е уникатен на свој начин. Од нив можете да дознаете многу за особата со која имате вербална комуникација, но доколку забите не се средени - немаме иднина.

Од умствените атрибути ја издвојувам интелигенцијата (сапиосексуална сум), а исто така ми е битна и едукацијата и елоквентноста. Битно ми е кај мажот, кој природно плени со интелигенција, истиот да се надградува, да работи на себе и, секако, да чита разноразна литература. Менталната гимнастика е многу битна не само за мажите, туку и за жените. Внимание ми задржуваат мажи со кои можам да разменам информации од различни области. Како што рекол Марк Твен: „Човекот што не чита, нема предност пред човекот што не знае да чита“. Исто така, еден од побитните атрибути ми е мажот да е духовит и со добра смисла за хумор. Тоа е убава вибрација.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

С. Ш.: Почит!! Дефинитивно ја издвојувам почитта!!

За себе можам да кажам дека многу ми е битно мажот пред сѐ да се почитува себеси (секој маж длабоко во себе знае на што мислам). Доколку не се почитува себеси, нема да ме почитува ни мене. Но, за една релација да биде здрава и да трае, почитта треба да биде обострана. Дефинитивно ми е битна самодовербата (многу често ја слушам реченицата: „Мажите се плашат од убави и успешни жени“, и од моите пријатели и од моите пријателки). Па, мажи, престанете да се плашите, можеби ќе се изненадите што сѐ ќе добиете за возврат. Исто така, многу ни е битно од страна на мажот да имаме разбирање, буквално за сѐ, а сето тоа се постигнува со разговор - ако нешто не Ви е јасно, треба да нѐ прашате. Ете, толку е едноставно, така ќе добиете одговор. Заштитничкиот однос е исто така многу битен. Светски познатиот психолог Џордан Питерсон во еден свој научно-истражувачки труд докажува од психолошки и биолошки аспект дека „Мажот е створен да штити, а жената да репродуцира” и јас се согласувам со него 100%.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

С. Ш.: Дефинитивно џентлмен. Доброто воспитание и добрите манири НЕ ИЗЛЕГУВААТ ОД МОДА. Кога мажот ја третира жената со почит и со добри манири, не само онаа со која е во љубовна релација, брак и слично, туку и секоја друга жена, мајка, сестра, ќерка, колешка, другарка, вработена, непозната жена на улица.., секогаш ќе биде господин човек. За мачизам, па сметам дека улога игра возраста на жената. Сите понекогаш сме имале интерес за „bad boy“, но верувам дека, како кај мене, така и кај повеќето жени, брзо ни поминал тој интерес. Ова е мојот став, но, за среќа, сите сме различни.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

С. Ш.: Внимание, почит, бонтон...

Одбивни ми се мажи кои зјапаат, кои ме прекинуваат сред разговор, мажи кои гласно зборуваат за да привлечат внимание, агресивни мажи... Има доста работи кои ми се одбивни, но овие неколку ги издвоив сега засега.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

С. Ш.: Досега овој комплимент сум го дала за двајца мажи. Едниот господин го запознав преку работа, а другиот го запознав на свадба, заедно со неговата сопруга која исто така е прекрасна. (Насмеана жена е сакана жена). Прекрасни џентлмени во секоја смисла на зборот - прв впечаток!! Накратко, манирите, општата култура и културата во бизнисот многу кажуваат за еден човек. Како во социјалниот, така и во професионалниот живот комуницирам со многу луѓе. Од приватниот живот дефинитивно го потврдувам фактот дека љубезноста ја мешаат со флертот, а во професионалниот - мажите често својата „моќ“, позицијата и статусот ги користат да дојдат до нешто повеќе и, за жал, ова можат да го потврдат многу жени кои се во бизнисот. Мажи, не го правете ова!!

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

С. Ш.: Апсолутно е можна!! И не, не се согласувам затоа што не можете со секого да имате хемија како со партнерот. Со некои луѓе едноставно не можете да имате ништо повеќе од другарство/пријателство. Сите сме различни и сакаме различни работи. Имаме различни вкусови и критериуми. Како свесни битија на 21 век, страшно е ако се водиме од ИД-от. Најлесно е да немаме самоконтрола и контрола. Јас и мојот најдобар другар се дружиме осумнаесет ипол години и сите знаат дека се сакаме и почитуваме како брат и сестра. Тоа ги споило и нашите родители. Најмногу поддршка и доверба имаме од нашите партнери. Верувам и ќе верувам во машко-женско пријателство/другарство.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

С. Ш.: Да, спротивноста има привлечна сила, но не трае долго. Можеби ќе нѐ поведе момент на љубопитност - што е ова што е различно за мене!? Но, едноставно не трае долго. За успешна врска и брак не мора да сте исти со партнерот, но убаво е да имате исти интереси, исти или слични погледи и ставови кон животот.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

С. Ш.: Тајната е во комуникацијата. Среќата не треба и не смее да ни зависи од партнерот. Ако сами со себе не сме среќни, себично е да влеземе во врска или брак - така само шириме негативност и нетолеранција. Среќни луѓе - среќна врска - среќен брак, среќни деца!! Повторно ќе кажам - почит. Почит, па искреност. Многу често сите ние ја елаборираме темата за врските. Од глобален, генерален аспект, многу малку луѓе, и мажи и жени, работат на себе и како да бидат најдобра верзија од себе. Често врските и браковите „пукаат“ и одеднаш не го познаваат својот пратнер!? How come? Многу е битно пред сѐ да сме искрени и вистински пред себе. Самољубието е многу битно. Кога сме искрени пред себе, немаме проблем со околината и некој друг да нѐ прифати, ама буквално онакви какви што сме. Ако на некого му кажете јас сум таа/тој и обратно, треба сите да си го поставиме прашањето дали ова ми одговара мене. Ако вистински, искрено сте ОК со тоа кој/која е другата особа, со искрен разговор треба да ѝ дадеме шанса на релацијата да помине на следниот „левел“. Ако нешто од она што другата страна ни го презентира не ни одговара, треба искрено да ѝ кажеме на другата страна дека не сме за ова и едноставно да не си го трошиме времето. It’s that simple. Кога веќе врската ќе прејде на следниот „левел“, не треба да заборавиме да бидеме искрени со партнерот и да му кажеме што ни смета. Ова не значи дека треба да бараме од партнерот да се смени за нас, туку дека треба да најдеме заедничко решение. Треба да ги правиме сите оние работи кои сме ги правеле на почетокот или да кажам - вниманието спрема партнерот не треба да има прекин. Романтичниот дел од релацијата е нешто што не треба да се заборави. Живееме во брзо и динамично време, опкружени со секакви ситуации. Многу битно е кога имаме ситуација да се ислушаме со партнерот. Доколку не знаеме како да му помогнеме, доволно е да сме тука за него. Природно е да наоѓаме изговори за нашите постапки кога ќе згрешиме, но тоа не го оправдувам. Убаво е да се извиниме кога ќе згрешиме, за една релација да биде здрава нема простор од гордост, его и инает. Тоа знае да боли и да повредува. Тоа не е љубов!! Љубовта не боли, љубовта е убава!!

Како адвокат често, дури и секојдневно работам предмети од областа на семејното право. Речиси секогаш ги советувам клиентите да не брзаат со одлуката за развод, дека треба да најдат начин или решение за ситуацијата во која се наоѓаат. Токму од причина што најчесто го гледам недостатокот на комуникација, во 90 % од случаите е недостатокот на комуникација, семејното насилство од страна на двата пола го осудувам најстрого!!

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

С. Ш.: Не се согласувам со поделбата. Не постојат машки и женски работи, постојат работи што треба да се завршат. Во ред е ние жените да побараме помош за физичка работа (природата нѐ створила понежни), но тоа не треба да нѐ деградира во никој случај. Познавам многу самохрани родители, и мажи и жени, кои чуваат и воспитуваат деца на најдобар можен начин - тие се за мене херои!! Тие се столбови на семејството без разлика на полот. Од друга страна, познавам физички поголеми жени од мажи и физички понежни мажи од жени. Мажи заробени во женски тела и жени заробени во машки тела. Нема простор за поделба. Не судам, сепак е 21 век.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Слаѓана Штимац