НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: СНЕЖАНА МИЛЕНКОСКА ПЕТКАС

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Кога е убавината во прашање, многу често не може да се опише со зборови. Едноставно е така. И нема потреба. Доволна е сама од себе, сама по себе и сама со себе. Доживувањето е исто, како нејзината интерпретација - слободна, без ограничување, на свој начин. А, кога е надополнета со душевната, моралната сила, вклучително и умот, разумот, нема дилема. Просто е неодолива. Се разбира, со епитетот „македонска“. Не случајно употребив стилско изразно средство бидејќи отменоста, префинетоста е својствена за Македонките. Случајноста е апстрактна именка, секако.

Гореспоменатите атрибути, преточени во зборови, комплетно ја опишуваат и Снежана Миленкоска Петкас. Впрочем, карактеристиките на сите наши соговорнички - учеснички во симултаниот разговор, т.е. избраничките на Машки магазин да бидат дел од постојаната рубрика, се горедолу исти. Надвладува убавината, спојот на изгледот (надворешниот) и онаа што извира однатре. С. М. П., без оглед на вокацијата - дипломирала на Факултетот за царина и шпедиција, целосно е посветена на фамилијата, сопругот и децата - дваесет и тригодишната Делфина и четиригодишниот Рикардос. Мајчинската љубов не може да се измери, таа е бескрајна, огромна. Секако, многу големата, деветнаесетгодишна разлика меѓу нив, како што вели, дава инаква, нова енергија по четириесеттата. Со фамилијата живее на релација Македонија - Грција. Често патува, особено заради професијата на сопругот. Притоа се врзува работата со задоволството. Всушност, патувањето е нејзина страст, пасија. И астрологијата, се разбира. Долго време ја изучува (проучува), благодарејќи на светски познатиот учител за мундана астрологија и, следствено, изработува натални карти. Прашањата во рамките на симултанката околу машко-женските односи ја инспирираа, несомнено. Еве ги нејзините видувања...

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

С. М. П.: Еквивалент на женската убавина е спојот на машкото срце и шармот бидејќи едно без друго не е целосно како што и женската убавина не е целосна доколку има само шарм, а не и срце. Кога станува збор за машката убавина, таа секако подразбира склоп на повеќе вредности што секој маж треба да ги има, меѓу нив и духовните, како на пример култура на однесување, самодоверба и став.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

С. М. П.: За мене, лично, умствените духовни вредности секогаш биле на прво место. Исто така, многу битен сегмент е секогаш позитивното гледање на работите во животот без разлика колку и да бидат тешки некои моменти, некогаш. Физичките атрибути можат да ве привлечат само на почетокот, на прв поглед, кога ќе видите една машка фигура, меѓутоа после ве задржуваат умствените духовни вредности.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

С. М. П.: Секоја жена би сакала да биде заштитена од еден маж, во секој поглед. Тој заштитнички однос датира отсекогаш и мислам дека, колку и да се живее во некои модерни времиња, заштитничкиот однос никогаш нема да го изгуби значењето бидејќи само така жената може да се чувствува како вистинска жена и дама. Моето лично гледиште за квалитетите на еден маж е, секако, неговото ниво на култура и низ каква призма ја гледа жената. Да се биде џентлмен во секоја прилика, интелектуалното ниво знае многу често да го привлече моето внимание. Неговата самодоверба секогаш знае да ме дигне како жена, во секој поглед.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

С. М. П.: Мачо типовите на мажи никогаш не сум ги ставила како нешто што може да ме привлече како жена. Неговото ниво на култура секогаш ми било многу битно. Секој еден маж може да биде господин доколку постои џентлменство, култура и почит кон секоја една жена без разлика дали е негова мајка, сопруга, пријателка...


ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

С. М. П.: Што се однесува до манирите на еден маж, секако дека е убаво кога ќе добиеш изненадување без да има некаков повод. Неговата романтика, емоционалното држење, посветеноста, искреноста секогаш ме привлекувале како жена. Одбивност ми создава кога еден маж не ја почитува вредноста на една жена. Неговата отсутност како машка фигура во повеќе сегменти - како родител, емоционална отсутност... Неодговорноста на еден маж е исто така битен фактор за да не ме задржи мене, лично.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

С. М. П.: Иако мојот сопруг не е од Македонија, со потполно право можам да кажам дека е господин, џентлмен во буквална смисла на зборот. Тоа не е само мое гледање и пристрасност како жена бидејќи секој човек што го запознал, дали е жена или маж, прво нешто што запазил кај него е начинот на кој ме гледа и почитува како жена. Сепак, јас лично сметам дека најголемиот дел од таквото однесување зависи од начинот на кој неговата мајка ќе го воспита уште во раното детство и ќе му ги укаже вистинските вредности, а исто така зависи и од начинот на кој неговиот татко ја гледал и почитувал неговата мајка како жена. Односно, вистинските вредности на еден маж се резултат на воспитувањето уште во најмладата возраст, па сѐ до моментот кога созрева како индивидуа.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

С. М. П.: Од мое лично искуство како жена имам повеќе пријатели кои никогаш не сум ги гледала и не ме гледале низ призма на нешто повеќе освен пријателство. Имам пријателства кои се започнати од моето рано детство и можам со право да кажам дека мажот и тоа како може да биде подобар другар отколку пријателка бидејќи секогаш може искрено да ви ги предочи сите мани и негативности, па и убави работи кои ги поседувате.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

С. М. П.: Дефиниција за среќна љубовна врска и успешен брак е, секако, да се има сличен поглед кон работите кои ги сакате бидејќи, доколку се има спротивставени сфаќања и размислувања, секогаш ќе доаѓа до блокада која понатаму ќе донесе чести расправии и докажувања во секој поглед. Обично луѓето на почетокот на секоја љубовна врска никогаш не ги забележуваат тие спротивности бидејќи заљубеноста прави еден невидлив превез кој несвесно делува тие работи да не можат да се видат јасно. Откако ќе дојде до некое будење, партнерот ќе каже дека другиот партнер се сменил и станал сосема друга личност, меѓутоа тоа не е вистина бидејќи тој бил отсекогаш таков, но нашите очи го гледале во многу порозово светло. За мене, лично, успешен брак е кога двајцата ќе почнат да ги менуваат своите ставови во корист на партнерот и така ќе дојде до еден баланс кој мислам дека е најпотребен во еден брак и е важен фактор за нормално да се функционира во брачниот живот.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

С. М. П.: Секако дека толерантноста игра важна улога во успешноста на еден брак, меѓутоа емоционалното присуство и тоа како е доста битен сегмент и по многу години од бракот бидејќи, според мое лично убедување, ако се изгуби емоцијата, невозможно е да се има нормален среќен брак.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

С. М. П.: Во мојот брак жената е вратот на фамилијата, додека мажот е главата, т.е столбот на семејството. А, секако, главата без вратот или вратот без главата не може да функционира како што и жената не може да функционира без мажот ако не се потпре на него. Секогаш треба максимално да се дава, и од машката и од женската страна, за притоа да се добие една убава целина која ќе ја претставува фамилијата. Заедничкиот договор на крајот секогаш дава добри резултати кои ќе бидат доволно добри за сите во семејството.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Снежана Миленкоска Петкас