НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: СВЕТЛАНА КОСТИЌ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога е убавината (женската) во прашање и неминовно, естетскиот идеал (претстава) за неа, може да се дискутира не само долго туку и жестоко, живо. Впрочем, така било и порано, кога се наметнувале критериумите, за подоцна и сега, во денешно време, да се тргнува од претпоставката дека таа, убавината е само перцепција на посматрачот, набљудувачот - во неговите очи. Се разбира, тоа е факт. Но и вистина е дека прототипите на жените, убавиците во минатото се врзувале со интелектот, меѓу останатото. Нивните постапки едноставно биле восхитувачки, заради креативноста. Зошто да не, ќе започнеме со Клеопатра, египетската владетелка чија „церемонија“ на убавината е врв на раскошот, луксузниот живот - капење во топло млеко со мед и ружини латици (наводно се користеле за белење на дамките). Нејзината кожа била толку мазна, блескава што привлекувала како магнет. А, очите... Хм! цртите на лицето ги нагласувала со шминка со цел да делува мажествено, да им покаже на владарите (мажите) дека може да им парира. Досетливоста е резултат на интелигенцијата.
Времињата се менуваат, со нив и видувањата на сите нешта, вклучително и убавината, нејзиниот идеал со придавката „естетски“. Како и да било, таа е неодолива, има еднаква привлечност, а кога се работи за македонската - значењето е уште поголемо. Без двоумење, синтагмата ѝ прилега сосем и на лекарката, специјалистка по дерматовенерологија и естетска медицина, Светлана Костиќ. Ако треба да се опише со еден збор, најадекватен е дама, во секој поглед. За нејзината естетика (развиено чувство за убавото, смисла за убавото) нема потреба од полемизирање бидејќи е забележлива, очигледна буквално секаде. Ужива во разубавувањето на луѓето, но и на предметите. Сака да пребарува, старините ги фарба, им дава инаков, нов изглед. Се интересира за ентериерната обработка (декорира, слика на текстил, шие - купува евтини ткаенини, ги репарира со цел да изгледаат скапо) и за странските јазици (по англискиот, германскиот и францускиот, сега го изучува соседскиот - грчкиот). Има голема ќерка. И љубовна врска.
Без фингирање, десетте прашања од симултаното интервју за женско-машките односи првенствено ги одговори како што ѝ доликува на секоја вистинска, права дама - отворено, искрено. А и концизно.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
С. К.: Бадијала шарм, вајани мускули, заводлив поглед, „порше“.., ако нема памет. Најјакиот афродизијак е мозокот.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
С. К.:Обожавам паметни и поштени луѓе. А, доколку има и некој нагласен талент и вредно го употребува, му се восхитувам. Е, сега - после сé, може и да е убав.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
С. К.: Неоснована самодоверба не ми значи ништо. Низ животот научив да се грижам сама за себе, не ми треба некој да ме штити. Да е способен да се штити самиот, да биде самостоен, да биде продорен, да ми чита мисли - значи, да имаме ист јазик на комуникација. Да си молчиме и да се разбираме.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
С. К.:Кој денес трпи супериорно држење? Сакам „роден господин“. Рафиниран во сé.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
С. К.: Одбивно ми е кога некој се експонира предвреме (се фали за сé и сешто). Имам јас аналитичка способност, сама сакам да донесам заклучок за личноста. Easy... easy... скромност малку.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
С. К.:Уф! Не ги ценам луѓето по оделото, ниту по настапот, сето тоа се учи. Ме интересира што носи внатре, хромозомите. Не можам да одговорам.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
С. К.:Да. Вистински другар на жена може да биде само геј.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
С. К.:За успешна, долговечна врска, рецептот не е да се гледаат заљубено во очи, туку напред, во иста точка и да врват заедно. А, за брак, рецептот е истиот, плус ортома нерви.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
С. К.: Толерантност еднаш, двапати максимум, но разговор секогаш, вистината на маса.
* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
С. К.: Не мора да е така реско, кој за што го бидува. Ако едниот обезбедува егзистенција, другиот заработува, така што прави сé што партнерот нема време да го направи. Ако двајцата ги прават парите и се отсутни од дома, уметност е да не се “заколат” за тоа кој ќе го фрли ѓубрето. Најчесто се јавува компетенција.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Светлана Костиќ