НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ТАЊА МОР

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Често ја истакнуваме поврзаноста меѓу надворешната и убавината која извира однатре бидејќи кога врската, односот е заемен, може да се говори за нејзината потполност. На жените во Македонија или оттука, неодоливоста им е другото име. Кога е убавината во прашање, од правилата нема исклучоци. Се разбира, постојаниот епитет на Југословенката по раѓање (вклучувајќи го и растењето, израснувањето), Македонката по националност и Американката по избор, како што се опишува себеси - Тања Мор ѝ пркоси на стереотипијата во буквална смисла, во секој поглед. Иако е дипломирана модна креаторка од миланската Domus Academy, нејзината креативна, творечка работа во маркетингот е присутна одамна. Често инвестира во недвижности, а реновирањето на истите ја исполнува со задоволство. Живеела и во Дубаи, Монако, Хонгконг и, секако, на Флорида. Нејзината луцидност е забележлива и во симултаното интервју, т.е. во стегнатите, концизни одговори на прашањата околу машко-женските односи. Занимливи размислувања, нема што. Меѓу нив и статусот на „среќно разведена жена“, инаку родителка чија ќерка има 28 години.  

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Т. М.: Хм! Да се одговори на ова прашање, особено во денешно време, е многу тешко бидејќи „женската убавина“ е всушност еднодимензионално гледање на жената. Според мене, епитетот „убавина“ отсекогаш ѝ припаѓа на жената. Мажот едноставно треба да биде „маж“. Сложувалката има многу делови, а убавината дефинитивно не е еден од нив, според моите стандарди.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Т. М.: Хумор, интелигентен хумор. Тоа ќе ме заинтригира секако, а дефинитивно не можам да одолеам на ум без граници, кој може да ме следи, рамо до рамо.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Т. М.: Секој битен маж во мојот живот - дедо ми, татко ми, моите партнери имале различни квалитети. Сите со себе донеле нешто уникатно во мојот живот. Мислам дека тоа што го бараме кај мажите е универзално, важи и за жените, и за пријателите... Интегритет, морал, храброст и лојалност пред сé (кога се говори за македонските мажи, ова е малку утописки, со ретки исклучоци).

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Т. М.: Па, искрено, не разбирам што точно е мачизам - маж кој има потреба да ги прикрие своите недостатоци со некој квазинастап само поради фактот на физичка супериорност!? Смешно, можеби во минатото, кога жената зависела од него, да ѝ обезбеди храна со лов!?

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Т. М.: Прво ќе почнам од вториот дел на прашањето... Не можам да поднесам малограѓанштина, провинцијален менталитет прикриен зад квазиурбани ликови кои одат на диџеј-журки после кафеана и пејачка и, кои, живеењето во Скопје ни го претворија во Gotham city. Call me old school.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Т. М.: Господин е секој што си ја сака и почитува партнерката, кој е поштен, искрен и верен партнер, што се стреми кон повисоки цели, квалитети во животот. Секој што ќе се препознае, за мене е господин човек/џентлмен.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Т. М.: Впрочем, нели за успешна релација не е потребна само љубов, туку и пријателство. Се согласувам дека во секоја пријателска врска е можно едната страна, во одреден период, да пројави одредени чувства, но тоа не го гледам како пречка за пријателство. Вистинските пријателства надминуваат секакви препреки, опстојуваат со децении и прераснуваат во повеќе од пријателства.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Т. М.: Кога би постоел рецепт, сите би го применувале.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Т. М.: Во Америка има една изрека - Кои се трите правила во недвижноста? Одговорот е „локација, локација, локација“. На твоето прашање би одговорила - компромис, компромис, компромис.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Т. М.: Патер фамилијас е главата на семејството, а столбот или вратот што ја врти главата отсекогаш била жената. Јас ги сакам и почитувам традициите и поделбите, не чувствувам дека ме прават послаба како жена, туку напротив. Природата нé створила да бидеме зависни едни од други, како маж и жена да си бидеме потребни во сите сфери на живеењето.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Тања Мор