НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ТАТЈАНА ПЕТРОВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Стандардизацијата на убавината и покрај тоа што во минатото, и далечното и блиското, но и сега е неизоставен дел од наметнатото поимање на допадливоста, привлечноста..., воведувајќи ја со цел да се создаде некаковси прототип, идеал на убавината по мера на ликовните уметници, модните креатори..., а неретко и на маркетинг менаџерите од причина што е поприлично доходовна, не секогаш била проследена со аплауз - противставувајќи ѝ се одвреме-навреме. Понекогаш дури и од страна на самите нив, како на пример дизајнерите - меѓу кои и Карл Лагерфелд. Позната е неговата изјава дека не му се допаѓала стандардната убавина (притоа не мислејќи на класичната) туку дека таа - убавината е ништожна без необичноста. Се разбира, парафразата е неопходна за да се долови нејзината суштина. Оттаму и неодоливото привлекување кога се работи за надворешниот изглед, а душата или пак фигуративно - внатрешниот живот е нешто што ја дополнува сликата за неа. Убавината е и во мисловната претстава, интелектот... И во очите кои честопати зборуваат повеќе од изговорените зборови, како и во насмевката, вклучително и во гласот. И уште во многу нешта.
Секако дека горенаведеното е целисходно и кога во прашање е телевизиската водителка, новинарката Татјана Петровска, инаку професорка по македонски јазик по струка. Како што вели, работата во образованието ѝ е неостварена желба. Патем се занимава и со пишување на текстови за песни (чисто од хоби), кои ги отпеале Благоја Грујовски, Бобан Цаневски, Душко Георгиевски, Ефто Пупиновски, Ибуш Ибраимовски... А љубовта кон животните ја покажува и на дело, грижејќи се за уличните кучиња. Секогаш со себе носи вода, храна за нив, па дури и садови - всушност, автомобилот ѝ е полн, за секој случај. Освен што е љубителка на долги прошетки во природа, наклонета му е и на фудбалот. Со внимание ги следи буквално сите меѓународни фудбалски натпревари, а за домашните првенства е вистински експерт. Донекаде и разбирливо, таа е во долгогодишна врска со добропознатиот Љупчо Марковски - Калц.
Симултаното интервју е причина за да ги воспримиме размислувањата на македонските жени чија убавина не само што неодоливо привлекува туку е и основа за изборот на соговорничките. Во продолжение се нејзините гледишта врзани за убавината и секако, машко-женските односи.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Т. П.: За впечатокот да биде комплетен, издржан, потврден - од двете, барем по малку. Шармот е она што привлекува, освојува, а срцето и душата се тие што ставаат печат за квалификација на мажот. Неретко некој шармантен господин кога не внимава во колкава мера ја покажува својата ароганција, подлост, манипулативност - засекогаш станува одбивен во очите на околината.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Т. П.: Физичката привлечност е основата. Доколку не постои, не постои ни можност да се осознаат умствените квалитети. Со текот на времето секој треба да си одговори на прашањето што му е потребно до него, каков човек. Јас лично самата не би можела да се поднесам крај неинтелигентен и ограничен човек.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Т. П.: Јас многу ја сакам мојата женственост и претпочитам да бидам понежен пол. Како што мислам дека женственоста е привилегија, така сметам дека и машкоста и титулата посилен пол ја имаат вистинските мажи. Од сето набројано, најважен ми е заштитничкиот однос и искреноста. Кога разговарам со него, да се чувствувам како да зборувам пред огледало со самата себеси. Без стеги, без тајни, без ограничувања кога покрај себе ја имаш вистинската личност која ти влева доверба.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Т. П.: Не само предност туку и недостижност. Да, господин човек кој умее да се однесува секаде како што налага ситуацијата, кој е добро воспитан, кој си ја знае сопствената вредност и нема потреба да ја нагласува.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Т. П.:Исто е и кај мажите и кај жените. Да е снаодлив, но не манипулативен, да е успешен со сопствен труд, а не затоа што е политички определен или по која било друга основа. Да е одмерен, но да има граници и свое јас.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Т. П.: Љупчо Марковски - Калц, поранешен репрезентативец, фудбалер и капитен на Вардар, сегашен тренер. Затоа што поседува сѐ што претходно наведов. Затоа е и мој.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Т. П.: Искрено, да - се согласувам. Тука не мислам на оние колегијални односи или соработка туку буквално на машко-женското пријателство. И ако постои, не е сосема искрено. Секогаш се наѕираат и други намери барем од едната страна.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Т. П.:Треба само да постои онаа искра, оној флуид на прв поглед. Кога знаеш дека тоа е тоа. Да постои љубов и почитување. А потоа, сѐ останато лесно станува компатибилно, сѐ друго, секоја различност станува помалку важна.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Т. П.: Јас мислам дека број еден е почитувањето и довербата што подразбира максимална искреност.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Т. П.: Одговорив во едно од прашањата - жената е понежниот пол, мажот е посилниот. Во една искрена врска и двајцата се нераскинлива целина од нешто најубаво на светот.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Татјана Петровска