НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ВЕСНА АТАНАСОВА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Кога е убавината во прашање, наголемо се води полемика за неа - што подразбира истата, што значи...? Таа дефинитивно не е врзана исклучиво за надворешниот изглед. И доблеста е супстанцијална. И добрината... како дел од природата на инсанот воопшто. Неодоливоста впрочем е резултат на нивната меѓусебна поврзаност, која привлекува. Кога пак се работи за македонската, генерализацијата е повеќе од стварна, некако логична. Оттаму и насловната синтагма, инспирацијата за порталната рубрика в среда, на која наскоро, за неколку седмици, ќе ѝ парираме со нешто инакво, џентлменско во секој случај. Машко-женските односи се интересни за дебатирање, и секогаш и за секого. Особено кога ќе се вкрстат мечовите. Изменливо. А, дотогаш и натаму ќе ѝ се восхитуваме на убавината со придавката неодолива, ем македонска.

Доколку би конкретизирале и битолска, нема дилема - од причина што битолчанката Весна Атанасова ги поседува сите карактеристични својства, особини кои претходно ги наведовме, меѓу нив и привлечноста, допадливоста - убавината во широка смисла на зборот. Инаку 20 години е дел од тимот на фондацијата „Хоризонти“, а веќе 9 се занимава со едукација, образование..., како сопственичка на неколку приватни училишта кои работат по франшизен модел, како на пример „Хелен Дорон“, „СмартиКидс“ итн., со јасна цел: знаењето да биде на пиедесталот, преку неговата практична примена да се креира нов свет (подобар, попријатен), нова иднина - се разбира, од страна на децата. Слободното време го користи за да чита книги, да гледа инспиративни филмови снимени по вистинити настани, да патува со својот партнер Јовица на мотор, уживајќи заедно во слободата, изложени на сонце, дожд, ветер. Обожава да биде покрај брегот на морето, да се дружи, но избегнува да е во друштво со луѓе кои критикуваат, озборуваат, омаловажуваат. Повеќе ги цени оние што ризикуваат, ги решаваат своите проблеми отколку предизвикувачите на истите, кои стојат цврсто во нивната комфорна зона. Сака да помага дури и кога не се бара помош од неа. Смета дека секому е потребен и убав збор и прегратка и ветер во грб. Пасијата за готвењето ја издвојува како една од мноштвото страсти, а себеси се смета за жена која постојано расте, се менува и не се срами да ја исплаче својата тежина. Длабоко во себе ја носи и благодарноста кон Бога, за сѐ што моментално има во животот, а и го живее. Мајка е на 19-годишна ќерка.

Од нејзините размислувања за машко-женските односи несомнено дека ќе извлечете каков и да е заклучок, генерално. Истото важи и за женската убавина, но и за еквивалентот, панданот на неа, во продолжение - главната тема на симултаното интервју.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

В. А.:Физичката убавина е она што можеби прво привлекува, но карактерот, вредностите кои личноста или ги има или ги нема во себе, може да направи физичката убавина да изгуби од својата вредност. Растена сум со многу љубов и внимание од страна на моите родители, па она што за мене е убавина е мекото срце, убавиот збор и хармонијата што еден маж ја носи во себе. Тоа што е хаос надвор не значи дека треба да биде хаос и во домот. Мажот, кој жената ја почитува како личност, во исто време ѝ помага, ја поддржува и не се базира на тоа дека жената мора нешто, може... Ова се однесува и на двата пола еднакво. И секако, убавина ми е да се живее спонтано, со смеа и со шарм да ме заведува секој ден.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

В. А.:Спојот на умственото и физичкиот изглед. Очи кои ја кажуваат вистината и усни кои се смеат. Совршен маж/жена не постои, но тој што го љубам е совршениот за мене. И да - да биде висок, црн и да вози мотор (случајно, таков е мојот партнер).

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

В. А.:Што сакаат жените? Хм! па не сметам дека вредноста или самодовербата на една жена ја дава мажот или пак дека ја намалува. Прво, треба да бидеме свесни и да ја откриеме моќта во нас дека и ние жените понекогаш сме им потребни на мажите затоа што станува збор за човечко суштество со емоции, а не за камен што може да ги издржи ударите на времето. Сакам партнер кој е досетлив на ситници, кој ќе ми свари кафе по напорниот ден, ако ги завршил своите работни обврски порано, кој ќе ме ислуша по напорниот ден, кој ќе ги поддржи моите соништа, но и кој ќе знае да им каже стоп на моите мали лудости. Личност која ќе учи од своите грешки, ќе прифаќа дека греши, ќе знае да се извини, а вредност ќе му биде и семејството, меѓу другото. Со еден збор, жените сакаат маж кој со нив ќе се однесува онака како што нивниот зет би се однесувал кон ќерката, доколку ја имаат.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

В. А.:Воспитан човек кој ќе ги пренесува своите вредности и на своите деца. Кој ќе создава убаво место за живеење, без агресија и насилство од кој било тип. Сметам дека доаѓа време на интелектуална и емоционална интелигенција, пред сѐ - па верувам дека силата и мускулите (мачизмот) во скоро ќе заминат во историјата. Супериорноста и натпреварот кој е најдобар е нешто во кое апсолутно не верувам затоа што сметам дека единствениот натпревар кој треба да го имаме е со самите себе. Денеска сум подобра верзија на себе од вчера е мотото кое ми е ставено на пиедестал кога станува збор и за двата пола. Така и љубомората е минимална и здрава. Човек кој не е добар за себе не може да биде добар ни за мене. Сѐ почнува од нас.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

В. А.:Ме привлекува маж кој знае што сака и тоа го чува. Знае да помогне во домот, не ги дели обврските на машки и женски, а жената ја чува со љубов. Најодбивно ми е кога некој зема сѐ здраво за готово, односно нема свесност за тоа што го има. Одбивно ми е префрлањето на одговорности, кривици..., но и мажи коисе во право за сѐ и не се преиспитуваат. И секако, големи количини алкохол, лоши манири на маса, немање страст и пасија и верување дека сите луѓе се лоши.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

В. А.:Секако дека има. Најпрво би го спомнала татко ми (душа од човек) и се разбира,

мојот партнер Јовица кој знае да биде и заштитнички настроен спрема мене, но знае и многу добро да стои цврсто на својот став и да се избори за тоа што го сака. И двајцата од мене извадија толку голем потенцијал за кој не бев свесна дека го имам. И двајцата го сакаат семејството, децата и прават најдобро што можат од аспект на љубов и поддршка.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

В. А.:Секако дека се согласувам со оваа позната мисла на Оноре де Балзак, но верувам дека може да има пријателство меѓу маж и жена, и тоа само од две причини - да нема сексуална привлечност меѓу нив и жената да е вљубена во својот партнер, но и обратно. Верувам дека тоа е голема реткост, но сепак постои, како што постои и веројатноста да го сретнете вашиот душа-партнер.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

В. А.:Спротивностите се привлекуваат, но до одредена граница. Тоа ѝ ја дава бојата, разноликоста на една врска/брак, но она што привлекува и задржува е љубовта која во себе ја носи почитта, разбирањето и довербата. Страста која е проследена со искри е хемиска реакција и минува со текот на времето, но ако домот и убавината е таму каде што е вашиот партнер, тогаш сте на вистинскиот пат. Повеќе заеднички интереси даваат сигурност и среќа, а различностите се оној грам зачин што го дава мирисот и вкусот на најубавиот колач. Што ќе ставиме во него, таков ќе биде. Зависи од секој од нас.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

В. А.: Јас и мојот партнер имаме по еден брак зад себе и нашето заедничко мислење е дека за сѐ треба двајца, и за љубов и за среќа и за танго... Јас имам една ќерка од претходниот брак, а тој две - заедно имаме три ќерки. Среќен човек гради среќно семејство. Човек што простува, кој е фокусиран на добрите страни на својот партнер и ги прифаќа и разбира не толку добрите страни, чекори низ животот со среќата до себе. Секогаш е така како што веруваме дека ќе биде и колку сме подготвени со волја и надеж да успееме, толкав ќе биде нашиот успех. Веруваме дека тајната на среќата е во заедничката толеранција, прифаќањето и довербата.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

В. А.:Преголем наметнат притисок е тоа дека таткото мора, треба да биде столбот на семејството. Не секогаш таткото знае или може постојано, во секое време низ животот, да биде столбот. Целта на семејството не е да мораме нешто, туку да сакаме и со благослов да го водиме семејството заедно, најдобро што можеме. „Мажот сонува за комплетна жена.Жената сонува за комплетен маж. Но и двајцата не разбираат дека Бог ги створил така за само заедно, еден со друг, да бидат комплетни“, оваа мисла на Достоевски е она во што верувам цврсто.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Весна Атанасова