НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ВИКТОРИЈА ЛОБА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога се говори за Викторија Лоба и нејзината убавина, сигурно е само едно - таа не може да се оспори. Едноставно или просто е вистинита. Следствено и неодолива бидејќи надворешниот изглед на пејачката, воедно и артистка, се надополнува со нежноста и љубезноста која е неисилена, ненаметлива. Без оглед на руското потекло (В. Л. е родена во Таганрог, инаку ростовски град), на 8-годишна возраст се преселила тука, со нејзините родители, а веќе 4 години е натурализирана, т.е. има државјанство на Република Северна Македонија. Одозгора импресионира со писменоста, вклучувајќи го и правописот.
Викторија Лоба несомнено ги заслужува сите пофалби, меѓу нив и заради природното однесување и неумисленоста. Освен што ја обожава музиката, природата е исто така нејзина страст, како и домашните миленици Дуња и Маша. Неколкугодишната љубовна врска ѝ одговара дефинитивно, а доказ е и заедничкиот живот. Како другите македонски, неодоливи убавици, така и В. Л. одговори на десетте прашања од нашето симултано интервју за односите меѓу жените и мажите, во продолжение...
СИМУЛТАНКА
ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
В. Л.: Како еквивалент на женската убавина е шармот и добрата смисла за хумор кај мажот. Според мене, споменатите особини не се пресудни, но секако дека се пријатен бонус.
ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
В. Л.: Добродушноста, директноста, чесноста и преземањето на одговорноста и за себе и за својот живот. Верувам дека поголемиот дел од женската популација би се сложиле со мене, ова се атрибутите или особините кои навистина ги вреднувам кај мажите.
ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
В. Л.: Мислам дека таинственоста е всушност времето кое дамата му го дава на мажот за да го покаже својот карактер и намерите. Ќе кажам од мое име, вистинска доблест кај мажот е искреноста и кога не се обидува да биде нешто што не е. Тоа безусловно го вреднуваат жените.
ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
В. Л.: Како жена која се почитува себеси, секако дека сум на страната на џентлмените. Едноставно е, намерата на џентлменот е да има балансиран однос со партнерката и да ја разбере. Тоа е партнерство, додека мачо е нешто друго, неговиот карактер е поинаков. Тој секогаш е во фокусот и во таква врска би се чувствувала осамено. Зборувам лично. Се разбира, секоја жена има свој избор и тој може да се разликува од мојот.
ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
В. Л.: Пак ќе напоменам дека не ми се допаѓа кога некој игра некаква улога, презема идентитет на нешто што не е. Директноста и спонтаноста е единствениот пат кон добра комуникација и, што е најважно, отпосле нема никакакво разочарување.
ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
В. Л.: Имаме вистински џентлмени во Македонија, ги има многу, но повеќето не се толку познати за јавноста. Од јавните личности први на памет ми дојдоа актерите Никола Ристановски, Сашко Коцев, Дејан Лилиќ.., затоа што се вистински професионалци во својата професија, харизматични, добродушни, спонтани. Иако знаат да се драматични на сцената, во приватниот живот се одмерени и пријатни.
ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
В. Л.: Мажот и жената можат да негуваат пријателска врска доколку и двајцата имаат таква искрена намера. Јас имам мажи другари и за мене другарството е вредност.
ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
В. Л.: Да, спротивностите често се привлекуваат, но сепак, во основата мора да постојат исти интереси и исти вреднисти врз кои ќе се темели врската за истата да биде пријатна за двете страни. Имам забележано дека понекогаш бираме партнер што поседува некоја особина што ние ја немаме, а ја посакуваме и токму тоа ни е привлечно кај другиот. Така можеме да научиме многу. На пример, жената од својот партнер може да научи повеќе за самоувереноста, а мажот од жената како да е потолерантен и сталожен или обратно.
ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
В. Л.: Намерата и истите вредности, многу едноставно. Партнерите можат да направат листа на вредности и доколку првите 10 се поклопуваат, барем приближно, таа врска ќе биде успешна.
ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
В. Л.: Јас верувам дека има машка и женска енергија, подеднакво се важни и двете. Тоа е како јинг-јанг, тие се надополнуваат и, кога ќе се спојат, го создаваат единството и хармонијата во домот. Не се разбирам во титули и, мене лично, не ми значат ништо.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Викторија Лоба