Никола Стојановски- бодибилдер: Секој е сам свој резбар на сопственото тело

Го викаат Никола ѕвер! Има дефинирано тело кое го довел до совршенство, ама тоа не е само од себе направено. За такво тело секојдневно дава се’ од себе. И успева, зошто не сака да биде просечен. Добро знае дека во бодибилдингот мора да се биде континуиран и дека е еден од најнеблагодарните спортови- во рок од 1-2 или 3 месеци можеш да изгубиш непроценлив труд кој си го вложувал со години! Битолчанецот Никола Стојановски го видовме и во балканското релано шоу „Парови“. Долги години покрај бодибилдингот е дел од музичкиот состав „Инструментал бенд“ во кој свири на гитара, па и музиката му е составен дел од животот. За Машки магазин ни открива како се стигнува до тело на кое многумина ќе позавидат и дека тоа не е од еднаш...тоа е начин на живот.

 ММ. Што значи бодибилдингот и тренингот воопшто? Како делува на телото и умот?

- Бодибилдингот е начин на живот. И самиот збор значи градење на телото, на сопственото тело. Тренингот е основната алатка која ни помага да го изградиме нашето тело токму како што ние сакаме. 


ММ. Што ве предизвика да се зафатите со таков предизвик кој не е мал ниту лесен и мора да биде континуиран? И при мало невнимание може трудот да „падне во вода“...

- Почнав да тренирам пред повеќе од 10 години кога фитнесот и бодибилдингот не беа толку актуелни како што се денес. Имав 15 години кога прв пат влегов во еден локален фитнес клуб во Битола, немав појма како функционираат 99% од справите, знаев само дека се за обликување на телото и градење на мускулна маса, верувам дека скоро секој еден човек се нашол во оваа ситуација. Безброј пати се најдов во ситуација кога не знаев што да правам за да одам понатаму за да бидам подобар од тоа што бев претходниот ден, месец или година но не се откажував се едуцирав и работев напорно. ДА, во бодибилдингот мора да се биде континуиран, добро познато е дека е еден од најнеблагодарните спортови туку НАЈНЕБЛАГОДАРНИОТ, во рок од 1-2 или 3 месеци можеш да изгубиш непроценлив труд кој си го вложувал со години!

ММ. Како го изградивте вашето тело? Што вежбате, какви вежби, кои вежби се најдобри за перфектно дефинирано тело?

- Перфекција незнам дали е вистинскиот збор затоа што сите што се во овој спорт никогаш не се перфектни во нивните очи, секогаш има нешто што недостига и на кое се работи. Стигнав до каде што сум затоа што никогаш неможев да се помирам со фактот да бидам просечен... една слична изрека кажал и човекот кој е еден од моите најголеми идоли, Арнолд – Најлошото нешто што можам да бидам е да сум ист како сите други!
Верувам дека секој е сам свој ‘’резбар’’ на своето тело, тоа значи секој сам го гради своето тело и работи на сите недостатоци или ‘’слаби партии’’ од телото, затоа и сите вежби се подеднакво битни кога сме на пат за градење на совршено тело. Тренирам најчесто со тежини во теретана и не сум голем фан на улични тренинзи, тренинзи на вратила и слично. И сметам дека тоа е и најефикасниот начин за градење на мускулна маса.

ММ. Која ви е најтешка, а која најлесна вежба и колку време дневно и неделно посветувте на вежбањето?

- Најтешка вежба... Кога тренираш и се трудиш да подигнеш повеќе од минатиот тренинг, тренираш со максимални тежини (не е правило) сите вежби се тешки, но кога би требало да оддвојам, тогаш тоа е тренинг за нозе, или ‘’клек’’ интернационално позната како ‘’SQUATS’’. Дневно посветувам околу еден и пол до два часа во зависност од тоа колку правам кардио а тоа би било околу 15 часа неделно.

ММ. Што вие е приоритет- добар физички изглед или здравствени придобивки?

- Здравјето е секогаш на прво место. Но сите што влегуваат во теретана јасно е зошто го прават тоа во прв план.

ММ. Како се храните- веројатно се подразбира посебна храна... која е таа?

- Исхраната е еднакво битна колку и тренингот. Едното без другото не одат во никој случај. Да, строго пазам на тоа што јадам. За време на ‘’BULK’’ сезона тоа е најчесто зимски период, внесувам повеќе јаглехидрати кои ги има во многу широк спектар на јадења, внесот на протеини ми е еднаков речиси преку целата година, тоа се протеини точно колку јас што сметам дека му се потребни на мојот организам. Најчесто на дневно мени имам пилешко, риба, ориз, компир, белки од јајца, зеленчук, овошје...

ММ. Дали обучувате други и кој е советот кој им го давате за да изградат солидна мускулна маса и да бидат во топ форма?

- Да, обучувам и клиенти, он-лајн и персонални тренинзи. Се трудам секогаш да давам совети кои сум ги пробал на ‘’своја кожа’’ затоа што сум ги искусил и знам дека функционираат, како за градење на мускулна маса така и за топење на масти. Советот или мотото што го давам на сите е никогаш да не се откажуваат затоа што секој може да стигне до целта што ја замислил АМА БАШ СЕКОЈ. Се што треба е посветеност, дисциплина и жртвување од многу задоволства од секојдневието.

ММ. Бевте учесник во Балканското реално шоу „Парови“. Која е причината поради која одлучивте да бидете дел?

- Учестував пред 2 години во едно од најпопуларните реални шоуа на Балканот. Конкретна причина неможам да издвојам, реално шоу не е толку едноставна ‘’игра’’ колку што изгледа кога ја гледаме преку тв. Да се биде дел од едно такво контроверзно шоу е нешто многу поинаку од колку што изгледа. Неколку причини беа што не бев доволно информиран за тековните настани во шоуто кога влегов, влегов буквално без ништо да знам околу истото, друга причина беа потешкотиите со српскиот јазик и едноставното не се пронаоѓав да бидам на тоа место.

ММ. Вие сте и член на музичкиот состав „Инструментал Бенд“. Дали имате свирки периодов или се е стопирано со пандемијата, и како се најдовте во музиката?

- Во Инструментал бенд сум веќе седум години. Периодов немаме настапи поради пандемијата исто и како сите останати музичари. Со музиката сум од многу поодамна одколку во бодибилдингот, со музика пораснав. Почнав да свирам покрај татко ми кој исто така се занимава со музика.

ММ. Какви девојки сакате и дали девојките сега поинаку ве гледаат откако го оформивте телото до перфекција?

- Какви девојки сакам неможам да дефинирам, девојки што имаат повеќе во умот од колку на другите места. На, нормално, физичкиот изглед секогаш ги остава првите импресии.

Небојша Толески