Николиќ е нов тренер на МЗТ Скопје

Искусниот српски стратег, Драган Николиќ (50 години), од денеска е нов тренер на МЗТ Скопје, откако потпиша договор до крајот на сезоната со можност тој да биде продолжен и до јуни 2024 година.

Станува збор за добро познато име за македонската спортска јавност, со оглед што во сезоната 2016/17 повеќе од успешно го предводеше Карпош Соколи во АБА-лигата и ни беше повеќе од достоен ривал во битката за титулата во првата лига, која на крајот ја обезбедивме дури по „мајсторка“.

 Николиќ има и македонски пасош со оглед на потеклото на неговото семејство од нашата земја, а згора на тоа негова сопруга е една од најдобрите македонски кошаркарки на сите времиња, Марија Видикова.

Негов последен клуб беше Борац Бања Лука (2020-2022) со кој настапи на завршниот турнир од АБА2 годинава во април во Скопје, преку кој нашиот тим обезбеди враќање во регионалната елита. Претходно, ја предводеше Игокеа, полски Кошалин, Младост Земун, а на почетокот на 21 век неколку сезони беше тренер на поранешниот женски гигант од Охрид, тимот на Профитнес.

Популарниот Гаги се очекува денеска да пристигне во Скопје, а дебито на клупата ќе го има в петок на гостувањето кај Цибона во меч од 13. коло од АБА-лигата.