Нино Величковски: Тага носам- со концерт одбележа 40 години на сцената
Моќен глас, шармер, шегаџија, боем. Но, и несуден актер.
Од публика изрецитира дел од новата „Песма за Нину“, потоа се искачи на сцената и ја доврши рецитацијата. Младен Протиќ го придружуваше со гитара. Заедно ја изведоа и темата „За Македонија“. На овој начин го почна концертот наречен „40 години со Нино - песна, љубов и вино“, кој се одржа синоќа во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Во придружба на Оркестарот ги испеа „Кажи ми Лено и „Не се трпат немири“ на Миодраг Божиновски, како и евергрините на Мичо „Свирете ми тамбури“ и „Мојата серенада“, во придружба на тамбурашите „Табиет“ од Свети Николе и кумановските „Наши тамбураши“. Следуваа аплаузи на публиката во преполната сала. Потоа на видео бим беа претставени неговите музички почетоци.
Атмосферата ја зовреа незаборавните хитови на триото БНВ, составено од авторите Миле Барбаровски, Огнен Неделковски и Нино: „Љубовта е света“, „Малку треба“, „Биди ми бисер“, „Уште еднаш“ и „Песните се мои другари“, како и хитовската „Со мерак“, на Тодор Трајчевски и Радмила Митровиќ.
Нино има многу пријатели на естрадата, а дел од нив беа и на настанот, легендите на македонската фолк песна: Маргица Антевска, Перо Христов, Наум Петрески и Виолета Томовска.
Во придружба на Оркестарот и групата „Боеми“ ги отпеа „Много тешко да си зет“, „Русе ле моме убаво“ и „Старо друштво“. На последните две песни им се придружи и Наум Петрески. На присутните во салата им се обрати градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е голем познавач и љубител на македонската песна, гостинот од Нови Сад, д-р Јован Пејчиќ, Претседател на Светска Тамбурашка Асоцијација и директор на „Тамбурица фест“ – Нови Сад, кој му даде на Нино специјално признание за негување на тамбурашката песна, како и Миро Маринковиќ, Претседател на Европски Тамбурашки Сојуз, а на видео бимот се обрати Мичо Мирановиќ, уметнички директор на Тамбурашкиот фестивал во Бјело Поље. Како благодарност за добиените награди и признанија, Нино фантастично го исполни хитот „Вратиће се роде“, а потоа се посетивме на незаборавната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, со Октетот Куманово и Виолета Томовска. Крајот им припадна на Нино, Октетот Куманово, Виолета Томовска и Наум Петрески, кои ја отпеаа „За многу години Македонци“, заедно со сите учесници на овој прекрасен јубилеј.
По величествениот концерт, Нино Величковски не можеше да ги сокрие емоциите. Ни изјави дека овој настан ќе го памети довека. А има многу такви, во текот на долгогодишната кариера.
- Еден од најубавите моменти ми беше победата на Фолк фест Вландово во 2008 година. Во дует со Мерима Његомир ја отпеавме „Ние двајца“ и освоивме прва награда од стручно жири. Бев многу горд. Се чувствував гордо и возвишено, исто како и вечерва. Имаше и неубави мигови. Тага носев кога немаше да ми појде од рака тоа што сакав да го отпеам. Како песната на Љупчо Трајковски - Фис, посветена на моите ќерки Анита и Магда, која требаше да ја пеам на валандовскиот фестивал. Дел од текстот гласи: „Како да ѝ кажам дека сонцето се скри, кога срце дава, дека сѐ ќе се изгуби. Еден човек кој што љубел, сега сам да треба да остари.“ Ќе даде Господ, ќе ја отпеам. Со таа разлика што нема сам да остарам, бидејќи имам прекрасна жена покрај себе, мојата Лики. – открива Нино, кој за најголема победа во кариерата го смета фактот што 40 години егзистира на сцената, има свој препознатлив начин на интерпретација и стил како пејач и пред сѐ избор на песни и автори.
- Не отстапив и успеав да бидам свој, да го пеам тоа што го сакам. Моја победа се песните. Дел од нив се обнародија. Мојата победа е љубовта кон музиката и мојата драга ценета публика, мојот народ. Нема пензија за музика. Пеам, значи постојам, Ќе пеам додека ме држи гласот. – ни изјави Величковски, кој според тоа што го понуди на синоќешниот концерт има сила и желба да ја израдува публиката со нови хитови.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски