Нурмагомедов и официјално се пензионира: Се надевам дека ќе ја прифатите и разберете мојата одлука
„Ти благодарам за сè, Дејна и благодарност до целиот тим на УФЦ за шансата што ми ја укажавте. Го променивте животот на многумина. Дејна, никогаш нема да го заборавам твојот однос кон мене, мојот татко тоа не го заборави, а и моите синови ќе го паметат тоа. Денеска имавме разговор како вистински мажи. Благодарност до комплетниот тим, спаринг партнерите и навивачите. Се надевам дека ќе ја прифатите и разберете мојата одлука“, напиша Нурмагомедов.
Хабиб Нурмагомедов и дефинитивно ќе остане на 29 победи од исто толку мечеви во УФЦ серијата, откако денеска и официјално е потврдено неговото заминување во пензија.
Прв тоа го направи Дејна Вајт, главниот во најголемото натпреварување во мешани боречки вештини, а истото беше потврдено и од самиот руски борец.
„Ќе застане на 29-0. Тој е стоотстотно официјално пензиониран. Ми беше чест да ја гледам твојата работа. Ти благодарам за сè и уживај во следниот предизвик пријателе“, напиша Вајт.
Ќе остане запаметено дека негова последна борба е таа против Џастин Гејчи во октомври минатата година.