Очекувам кавалерите да бидат оние кои ќе ги изненадат своите дами и Денот на жената ќе го поминат заедно со нив на мојот концерт: Јоце Панов за Женски магазин
На 8-ми март поп пејачот Јоце Панов ќе има солистички концерт во Македонска филхармонија.
Симболично токму овој датум е избран за неговиот концерт, и сака на еден начин да ѝ се оддолжи на женската публика која години наназад доминанто е присутна и го следи на сите настапи.
-Многу музика и рози, добра музика и атмосвера во која ќе ужива секој присутен во публиката. Во однос на програмата, ќе има доста изненадувања- ни кажа Јоце во интервјуто.
ЖМ: Јоце, најпрво кажете ни како сте? Празниците поминаа, а Вие се подготвувате за голем концерт. Каде и кога?
- Периодот пред и за новогодишните празници ми беше исполнет со секојдневни настапи, некои денови се случуваше да имам и по две свирки, дневна и вечерна. Тоа е нешто кое го работам со многу љубов и елан, но знае да исцрпи. Контактот со публиката и енергијата која ја добивам од неа се нешто што ми дава уште поголема мотивација и желба за да се издржи темпото. Постојани патувања, настапи во други градови во земјава и надвор од неа, недоволен сон, но за среќа успеав неколку дена да заминам на Златибор, па да ги усогласам професионалните обврски со едно кратко приватно патување. Чистиот воздух, планината и снегот ми дојдоа добро за да се вратам и да продолжам со подготовките за концертот.
Да, после 25 години кариера, одлучив на мојата верна публика да и приредам солистички концерт кој ќе се случи на 8-ми март во Македонска Филхармонија.
Доминантно на моите настапи е присутна години наназад женската публика, па затоа и симболично го избрав овој датум. Секако дека очекувам кавалерите да бидат оние кои ќе ги изненадат своите дами и денот на жената ќе го поминат заедно со нив, со убава песна, на мојот концерт.
ЖМ: Бидејќи спектаклот ќе се случи на Денот на жената, што им подготвувате на дамите и публиката, може ли да откриеме некој детаљ, за програмата?
- Ова е еден навистина голем проект во чија подготовка се инволвирани многу луѓе. На некој начин сакам да и се оддолжам на мојата публика која ме следи редовно на моите настапи со една вечер исполнета со љубов и емоции. Многу музика и рози, добра музика и атмосвера во која ќе ужива секој присутен во публиката. Во однос на програмата, ќе има доста изненадувања. Покрај моите песни ќе има еден сплет на македонски песни од други изведувачи, кој очекувам дека посебно ќе и се допадне на публиката. Не би сакал да откривам повеќе детали, тоа ќе биде една вечер полна со изненадувања.
- Јас имам неколку дуети и соработки изминативе години наназад. Во моментов сме во фаза на дефинирање на деталите околу содржината и концептот за време на концертот. Би сакал некои работи да останат во тајност до самиот концерт.
ЖМ: Ако си вратите еден кус филм во главата за сите овие 25 години кариера со микрофонот на што прво помислувате?
- Во 2007 година во Домот на култура во Штип, мојот роден град, го имав својот прв солистички концерт кога имав 5 објавени мои песни. Доживеав публиката да ги пее наизуст во еден глас и стотици луѓе да останат надвор, затоа што немаше доволно место.
Од денешна перспектива, со повеќе од 50 објавени свои песни, на македонски и српски јазик, помислувам на остварување на една желба. Секако дека овој концерт е почеток на една низа на вакви случувања.
Би сумирал, многу љубов, енергија и ангажман, многу поминати километри и огромна среќа и задоволство кога ќе ги видам реакциите на публиката.
Целото интервју на ЖЕНСКИ МАГАЗИН