Од најдобриот тенисер на светот: Пет лекции кои сите треба да ги научиме од Новак Ѓоковиќ

Осумнаесет години откако започна неговата Грен слем кариера на Австралија Опен во 2005 година, Новак Ѓоковиќ постигна култен триумф – ја освои 23-тата Грен слем титула на Ролан Гарос и стана најдобар тенисер во историјата. Како што стојат работите, најдоброто допрва доаѓа.

По победата над Каспер Рудо, Новак призна дека иако се обидел целото внимание и размислување да го насочи кон подготовките за финалниот меч, сепак не можел, а да не размислува за тоа дека може да испише историја.

1. Почитувајте ги вашите противници

Новак Ѓоковиќ по мечот потврди дека е голем човек, а не само спортист. На прашањето какво е чувството да се биде најдобар играч во историјата, Ѓоковиќ одговори:

„Не сакам да кажам дека сум најдобар, затоа што чувствувам дека тоа е непочитување кон сите големи шампиони во различни епохи на нашиот спорт, кој се играше на сосема поинаков начин отколку што се игра денес. Секој голем шампион од својата генерација остави огромен белег, наследство и ни го отвори патот да го играме овој спорт на голема сцена ширум светот. Дискусијата за тоа кој е најголем им ја оставам на другите“.

2. Верувајте во себе и никогаш не се откажувајте

„Верувам во себе, во сѐ што сум, кој сум и што сум способен да направам. Овој трофеј очигледно е уште една потврда за квалитетот што сè уште можам да го произведам. Неверојатно е да се види овој трофеј овде, за мене тој симболизира голема битка која ја водев пред сѐ со себе, а потоа и со останатите играчи на турнирот“, изјави Новак Ѓоковиќ и додаде дека Ролан Гарос лично за него е најтешкиот Грен слем за победа“.

3. Дајте го најдоброто од себе

„Што се однесува до мене, јас сум најдобар на теренот на дневна основа. Тоа е единствената состојба на умот што може да доведе до историски резултати. Секако, има статистика, но има многу различни фактори за успех. Затоа не сакам да навлегувам во дискусии за најдоброто, бидејќи си ја пишувам сопствената историја“.

4. Годините се само бројка

Покрај тоа што стана најдобар тенисер на сите времиња, Ѓоковиќ постави уште некои рекорди. Имено, тој стана најстариот шампион на Ролан Гарос во машка сингл во историјата и првиот тенисер кој освоил повеќе од десет Грен слемови во сингл откако наполнил 30 години.

„Факт е дека моето тело реагира поинаку и можеби пред пет или десет години побрзо закрепнав и не чувствував толку болка како денес. Иако не сакам да размислувам за годините и можеби звучи како клише, но во мојот случај чувствувам дека годините навистина се само бројка“.

5. Ривалите ја обликуваат вашата кариера

Запрашан какво е чувството конечно да се надминат Роџер Федерер и Рафаел Надал во однос на големите титули, Новак Ѓоковиќ рече:

„Вистина е дека секогаш сум се споредувал со овие момци бидејќи тие се двата најголеми ривали кои сум ги имал во кариерата. Веќе многу пати кажав дека всушност ме дефинираа како играч и на некој начин придонесоа за успехот што го постигнав, токму поради ривалството и натпреварите што ги одигравме. Тие двајца момци прилично ми го окупираа умот во последните 15 години - мојот тим и јас поминавме безброј часови размислувајќи и анализирајќи што е потребно за да ги победиме на теренот. Сè уште мислам дека секој има уникатно патување, но секако ние тројцата заедно со Енди Мареј стигнавме до златната ера на машкиот тенис, како што луѓето сакаат да кажат. Благодарен сум што сум дел од оваа група момци“.

Патувањето не е завршено

Постигнувањето на историски успех може да биде доволно за некој да размисли за завршување на својата кариера. Но не и Новак.

„Секако дека моето патување сè уште не е завршено. Ако победувам на Грен слемови, зошто воопшто да размислувам да ставам крај на кариерата која трае веќе 20 години? Сè уште се чувствувам мотивиран, сè уште се чувствувам инспириран да го играм најдобриот тенис на овие турнири, на Грен слемовите. Тоа се турнирите кои повеќе важат во нашиот спорт. Со нетрпение го чекам Вимблдон“, изјави Новак Ѓоковиќ, најдобриот тенисер во историјата.


Фото: Youtube - screenhsoot

Извор: оригиналмагазин