Одлична музичка програма и рекордна посетеност на „Д Фестивал“ во Дојран

Со настапите на греми-номинираниот рејв музичар и продуцент ZHU, популарната српска евровизиска атракција „Констракта“, рок-легендите Хладно Пиво и некогашниот тапанар во легенадарниот бенд Ramones, Марки Рамоунсиноќа во Дојран заврши 12. издание на најголемиот македонски фестивал на алтернативна музика под отворено небо „Д Фестивал“.

Најпопуларниот фестивал на нашите простори во организација на „Пасворд продукција“,  и годинава понуди одлична музичка програма, рекордна посетеност, голем број различни зони за посетителите, како и настап на над 100 уметници и учесници во ПлоштАрт, изложби, работилници, перформанси, театар, арт-инсталации, плажа, сонце, музика и љубов!Програмата се одвиваше на вкупни 15 различни фестивалски бини и зони, вклучувајќи го и славниот Д-Камп за посетителите на фестивалот.

За време на трите фестивалски дена настапија ипопуларниот британски бенд „Кошин“, австриското електронско дуо Крудер и Дорфмајстер, а за издвојување е и настапот на британската музичарка Габриела Чилми, која на почетокот на кариерата ја споредуваа со Ејми Вајнхаус. Џулијан Марли се претстави со реге звук прославен од неговиот татко Боб Марли, а моќната екипа од регионот ја сочинуваа Дарко Рундек, Јура Стублиќ, „Хладно пиво“, „Буч Кесиди“ и „Констракта“. На фестивалот свиреа и неколку македонски артисти, музичари и бендови, меѓу кои хип-хоп групата „Чиста околина“, „Зад аголот“, „Луфтанза“, „Перија“, проектот „Пијан Славеј“ на Бранислав Николов, „Хајка“, „Короужн“, „Преку ред“, Дина Јашари, Флудер, Џантрикс и др.