Одржани две книжевни средби со писателите Драго Јанчар и Даница Вукиќевиќ во „Литература.мк“

На 18 и 19 септември, со почеток во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ во Скопје, се одржаа книжевни средби со писателите Драго Јанчар и Даница Вукиќевиќ, кои изминатите денови присуствуваа во Скопје во рамките на 11. издание на фестивалот „Про-за Балкан“.

Со писателите разговараа уредничките на изданијата на македонски јазик од издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска и Оливера Ќорвезироска и преведувачите од словенечки и од српски јазик, Дарко Спасов и Александар Прокопиев.

На вечерта со Драго Јанчар, низ разговор со писателот беа претставени двата романа „Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“, кои се објавени на македонски јазик во 2019, односно во 2021 година, со поддршка на словенечките фондови „Трубар“ и Јавната агенција за книга.


„Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“ се историски, воени драми, кои проникнуваат во длабоки егзистенцијални прашања во координатниот систем на вечните теми – животот и смртта, во кој амплитудите ги исцртува љубовта. Дејството во двата романа е сместено во периодот на Втората светска војна во Словенија, а ликовите што го движат најчесто се обични, секојдневни луѓе, неоптоварени од наративно морализирање и препуштени на сопствените животни избори. И сето тоа во екстремни услови, кога изборите се најчесто изнудени и епилогот е несомнено трагичен.

Драго Јанчар: „Сум слушал многу воени приказни во детството, сите зборуваа за војната кога бев дете, но и подоцна. Но, приказната во оваа книга, ’И љубовта‘, е целосно измислена, додека приказната на ’Таа ноќ ја видов‘ се заснова на вистински настани и личности, за што прочитав во една историска хроника за еден замок во Словенија. Тоа беше сведоштво на една жена што работела на имотот и мене многу ме потресе таа приказна од 1944 година. Сепак, тоа е само еден фрагмент во оваа книга, другото, се разбира, е измислено“.

Вечерта со Даница Вукиќевиќ, покрај претставувањето на нејзиниот прв роман и прва книга објавена на македонски јазик (со поддршка за преводот од српското Министерство за култура), романот „Внатрешно море“, добитник на НИН-овата награда за 2022 година, опфати и поширок книжевен контекст за жанровските хибридни форми, за развојот и трансформирањето на романот како врвно епско книжевно дело, како и за (не)сродноста на соседните книжевности и награди. Беа подвлечени состојбите на овој план и во српската и во македонската современа книжевност и најдени многу сличности, но и одделни специфики во двете културни милјеа. Оттаму и затоа, романот „Внатрешно море“ може да се чита со подеднаков интерес и „разбирање“ и кај нас, и каде било на нашиве простори. Иако книжевниот текст е адресиран до „српското општетство“, тој втасува сегде како сигнатура на нашето време.  

Даница Вукиќевиќ: „Не можам да размислувам на формата, додека пишувам содржина. Односно, не сакам. Сосем ми е доволно што пишувам епика, тогаш кога не пишувам лирика/поезија. Не можам да ги делам нештата и не можам да си забранам себеси да бидам поетеса, додека сум прозаистка. Пишувам како што ми се пишува, како што сакам, како што сметам во моментот. Сè стана мода, бран, тренд, па и книжевното аутсајдерство. Не ми се допаѓа тоа што сега се подразбира под ’аутсајдер‘, ниту пак ми се допаѓа ’центарот‘ во книжевноста. Така што не знам каде се (про)наоѓам. Знам – во моите книги. Пишувам со радост за сè што ме боли“.

Книгите се достапни во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

ПР објава