Ослабев 30 килограми и се чувствувам совршено:Исповед на стилистот Даци

Оние кои го познаваат лично велат дека тој секогаш е насмеан, позитивен, упорен, знае што сака и дека е единствен.

Драган Гоцев – Даци е познат во јавноста како стилистот за шминка и фризура на Зорица Заева, сопругата на претседателот на СДСМ Зоран Заев, но во последните неколку месеци, јавноста е позитивно изненадена од неговата огромна промена.

Успеа да симне 30 килограми за 6 месеци и како што вели тој за Машки магазин, упорноста е негова силна страна, со амбиција, волја, трпение и голема поддршка од блиските и неговите тренери, ослабе 30 килограми.

„Мојата мотивација беа зборовите на една личност, која тогаш ми беше важна и во еден момент ми рече дека сум дебел. Се замислив, размислив и веќе од следниот ден започнав со диета, многу бргу потоа започнав и со интензивни тренинзи два пати во денот, но правев и козметички третмани за обем и пиев и се уште пијам мнооогу вода“, ја открива Даци својата тајна за неговото драстично слабеење за Машки магазин.

Благодарение на 4 луѓе, неговите двајца инструктори за фитнес и кик бокс, нутриционистот и неговата козметичарка, Даци се преполовил.

„Мојата диета се состоеше од овошје и од зеленчук, бидејќи одбивав да внесувам повеќе од 500 калории дневно“, истакнува стилистот и додава дека се уште е на режимот на исхрана што се состои од овошје, зеленчук и риба која ја консумира два пати неделно, редовно прави 10 интензивни тренинзи неделно и вели дека се чувствува одлично со сегашните 75 кг. на неговата висина од 192 см.

 Ги советува сите оние кои мака мачат со килограмите дека треба да се јаде повеќе овошје наутро, а навечер зеленчук, и да се пие многу вода. „Без храна се живее, без вода не“, потенцира Даци и додава дека само со диета без физичка активност нема резултатите да бидат комплетни.

Инаку, тој е човек што си ја сака работата и ужива во тоа што го работи. Затоа, редовно вели дека посетува курсеви и саеми за шминки и фризури. Според него, ние сме нација која ги следи модните трендови, зависно тоа  ги менува и техниките за фарбање и шишање.  Но, нему му е омилена здрава и сјајна коса во рамка линија и темно кафеава боја.

Во неговото седум годишно искуство соработувал со голем број на странски пејачки и модели, соработува со пејачката Александра Јанева, соработувал и со Антонија Гиговска, но јавноста најмногу слушнала за него како стилист на Зорица Заева.

„ Имам соработувано и со странски пејачки и модели за кои е апсурдно да зборувам бидејќи тоа се луѓе кои доаѓаат многу ретко и не го сметам тоа за сопствен успех, туку баш напротив , сите оние со кои соработувам вклучително и Зорица Заева ми се клиенти уште пред да бидат познати за јавноста. Сепак би заклучил дека сите дами кои доаѓаат кај мене во мојот салон седат на исто столче без разлика на статусот“, истакнува Драган.

Неговата желба за фризура и шминка се родила уште кога имал 9 години, тогаш преку Тв екраните се восхитувал на убавите и средени дами, а веќе на 13 годишна возраст се запишал во средно училиште за шминка и фризура и од тогаш до ден денес се образува и развива на тоа поле.

„Од моите 13 години почнав да следам курсеви, а подоцна по завршувањето на средното образование го отворив мојот прв салон. Најважната работа за постигнување успех во која било област од животот е упорноста, паралелно учев две средни училишта и викендите посетував курсеви, што значи дека моите тинејџерски денови биле жртва за плодот што сега го собирам“.

За крај во своето прво интервју за Машки магазин, Даци вели дека мажите во земјава последните неколку години позитивно го изненадуваат бидејќи започнаа многу повеќе внимание да обраќаат на својот надворешен изглед и на своите фризури и според него, со различност и шмек во боите на косите и шишањето, се повеќе личеле на Италијанци.


Н.М.