Останаа доследни на стилот: Огнен, Дадар и Владо
Машкиот стил не е едноставна формула или равенка што може да се совлада преку ноќ. Се разбира, не претставува тајно знаење или премногу тешка вештина, но за да може човекот да остави впечаток на личност со стил како целина, клучно е да работи на себе. Тоа значи дека во изгледот на таков човек, ништо нема да биде излишно, лошо комбинирано, нејасно. Стилот, каков и да е тој, мора, пред сè, да зрачи со силата на целината.
Од изгледот - начинот на облекување и изборот на чевли до сите други ситници што откриваат точно со што многумина би сакале да се фалат... Значи, начинот на зборување и однесување е во игра, како и сè што ќе открие личен вкус. Избор на друштво, избор на пијалок, избор на партнер.
Стилот е неразделно поврзан со хедонизмот, иако не се чита исклучиво преку она што сакаме да го уживаме. Се вели дека облеката не го прави мажот, што е сосема точно, но нема сомнение дека тоа многу го открива. Она што го носиме има важен удел во визуелниот јазик и, барем во првиот момент, ќе го одреди односот на другите кон нас, таа предвербална перцепција.
Но, да се задржи добриот стил во континуитет не е лесно затоа што мажот може да се изгуби во старото со новото, во она што му прилегало некогаш, а сега не, во перцепцијата...
А, доследни на својот стил, менувајќи го минимално зависно од местото, времето, осетот и визијата останаа водителот Огнен Јанески, мејкап артистот Александар Билјановски- Дадар и музичката ѕвезда Владо Јаневски. За нив е заедничко што имаат одлична перцепција за она што им стои, комбинираат вешто, не се двоумат во изборот и свесни се за тоа што го презентираат во форма на облека.
Огнен Јанески
Често е облечен во костуми кои се соодветни за неговата конституција. Знае да ги надополни со пеперутка вратоврска, брош или некој друг ситен, но битен детаљ. Воопшто не изгледа нападно, туку стилски уредно. Сето тоа е ненаметливо, но видливо и за пофалба.
Александар Билјановски- Дадар
Дадар е во допир со модата од најмали нозе и ја има совладано целосно приказната за машкиот стил. Применувајќи ја низ годините, до сега ни раскажа впечатливи изгледи во форма на костуми или комбинација од палта и панталони секогаш надополнети со впечатливи чевли.
Владо Јаневски
Секогаш е дотеран и се гледа дека нема проблем да го искаже својот стил на најдобар можен начин. Игра и со бои и со различни стилски варијации на теми, и во сите е крајно внимателен. Според неговиот физикус знае точно што да одбере, а тоа да биде автентично.
Фото: Инстаграм
Р.М.М