Отстранете ги непријатните мириси од патиките: Трикови за перење во машина без да ги оштетите

Не дозволувајте едно лошо искуство да ве обесхрабри! Перењето на патики во машина за алишта е целосно безбедно, но важно е тоа да се направи правилно.

Да се перат патики во машина или не – тоа е дилема со која сите сме се соочиле. Кога станува збор за нашите омилени патики, најчесто не ризикуваме и одлучуваме да ги измиеме рачно. 

Стравот е разбирлив – патиките може да се искриват, лепакот да ослабне, шевовите да попукаат, обоените да избледат, а белите да изгледаат истрошено.

Сепак, ако го примените овој метод, ќе се изненадите колку сте се грижеле без причина.

Потребно е:

  • течен детергент
  • 6 лажици сода бикарбона
  • стара навлака за перница
  • стара четка за заби
  • неколку пешкири

Вечерта пред перењето, ставете по три лажици сода бикарбона во секоја патика и оставете да отстои преку ноќ. Таа ќе ги впие непријатните мириси и влагата. Утредента истресете ги, потоа со четка за заби отстранете ја нечистотијата.

Извадете ги врвките и ставете ги во навлака за перница или мрежеста кеса за перење. Патиките ставете ги во машината, опкружени со стари пешкири за да не удираат во ѕидовите на барабанот. Додајте течен детергент и перете на 30°C, најмногу 40 минути.

По перењето, извадете ги и сушете ги на воздух – никогаш во машина за сушење, за да избегнете оштетувања.

Извор: Glossy