Перица Голомеиќ: Секогаш е прекрасно чувството кога си на врвот во било која работа во животот

Убавината на животот е да го правите она што го сакате, а посебно нешта кои ви создаваат одреден предизвик. Работи кои ве исполнуваат до максимум, ви создаваат дополнителен адреналин и секако- среќа. 

Перица Голомеиќ, еден од сопствениците на Рагуза Груп, заедно со уште неколку Македонци неодамна го искачија Мон Блан, највисокиот врв на Алпите. Врвот е познат по својата суровост, но на врвот се е поинаку. Овој подвиг Перица го посвети на неговиот покоен татко Мирко Голомеиќ.

За патот до врвот, искушенијата, адреналинот и некои други нешта, разговараме во прво лице: 

ММ. Важите за човек кој сака адреналински спортови, но осовојувањето на Мон Блан е сепак подвиг за почит! Како Ви успеа? Како се подготвувавте?

- Веќе 4 години интензивно планинарам и имам искачено повеќе од 100 врвови во Македонија и скоро сите позначајни врвови на Балканот. Па така дојде ред да се качи нешто посериозно и се одлучив тоа да биде највисокиот врв на Алпите - Мон Блан 4810 мнв.

ММ. А, како психички се подготвувавте? На која висина веќе почувствувавте дека станува напорно и од која висина воздухот станува поредок?

- Со оглед на тоа дека на Балканот сите врвови се до 3000 мнв. потребно беше малку посериозно спремање за Мон Блан. Имаше и психички момент затоа што има неколку висински бариери кои не зависат од физичката подготвеност туку од тоа дали телото може да помине 4000 мнв па 4500 мнв. (некои луѓе имаат вртоглавици, болки во градите, едноставно чувствуваат преголем замор за да продолжат. Сега знам дека до 5000 метри сум спремен за искачување.

ММ. Дали е опасна за искачување или одредената рута е добро востановена? Дали имаше снег и колку тоа го отежнување качувањето?

- Врвот е комерцијален што подразбира дека е доста посетуван од планинари од целиот свет. Убаво е маркирана патеката до домовите Тетрус и Де Гуте. Помеѓу Тетрус и Де Гуте се поминува "Кулуарот на смртта" каде многу планинари имаат загинато поради честите одрони на камења кои со огромна брзина паѓаат. Снег имаше од 3800 мнв нагоре односно од горниот планинарски дом Де Гуте до врвот Мон Блан. Качувавме во лоши временски услови со многу ветар, магла и минусни температури

ММ. Кога се качивте на врвот- какво е чувството? Дали небото изгледа поблиску, дали далечината ја гледавте со други очи???

- Секогаш е прекрасно чувството кога си на врвот во било која работа во животот па така и во планинарењето. Немавме можност да го видиме небото и прекрасните погледи на Алпите затоа што како што претходно наведов качувавме во исклучително лоши временски услови. Тоа можете да го доловите од фотографиите.

ММ. Кој е вашиот следен подвиг и кои спортови општо преферирате?

- Следни врвови кои сакам да ги искачам 2024-та година се Килиманџаро 5895 мнв (највисокиот врв во Африка) и Елбрус 5621 (највисокиот врв во Европа. Рекреативно играм снукер и билјард, не така често пинг понг и баскет.

ММ. Која дестинација ви останала онака при срце и зошто?

- Посебно место во моето срце има Италија не само затоа што солидно зборувам италијански јазик (2005 и 2006 посетував Универзитет за странци во Реџо Калабрија - Данте Алигиери) туку им се восхитувам на историјата, културата, храната, и општо нивниот лајфстајл. Веројатно Сицилија ми е омилена (сеуште не сум ја посетил Сардинија)

ММ. Важите за човек со стил? Како би го опишале и што сакате најмногу да носите?

- Ви благодарам на коментарот. Најчесто се облекувам бизнис кежуал - фармерки/спортски панталони со поло маичка\спортска кошула и патика-кондура.

ММ. Каков парфем користите и зошто?

- Последниве години користам Tom Ford - Oud Wood а повремено го менувам со Van Cleef and Arpels - Moonlight Patchouli. Затоа што мене ми е најубав и дополнително сум имал коментари од пријатели - фантастично мирисаш, кој парфем го користиш? 

ММ. Каков автомобил обожавате?

- Цел живот најмногу ми се допаѓаше Мерцедес но во последно време вниманието ми го одзема Порше.


ММ. Како се облекуваат Скопските мажи со оглед на тоа дека држите локали и постојано ги гледате луѓето?

- Морам да признаам дека се почесто гледам прекрасно средени мажи. Со огромната достапност до интернет веќе не е тешко да се ископира некоја добра комбинација и да се следат светските трендови. Со оглед на тоа дека нашите ресторани се специјализирани за корпоративни настани и свадбени прослави кои подразбираат од business casual dress code па нагоре мојот став е дека мажите исклучително многу внимаваат на својот изглед . 

Небојша Толески

Фото. приватна архива