Плагијати на фустани, најлошо облечени на листите: Нашите претставници и Евровизија
Немаше да биде
чудно ако некој од изведувачите, ако се одржеше годинешното издание на
Евровизија во Холандија, се облече во коронавирус костум. Ама коронавирусот не
дозволи одржување на настанот. За прв пат во историјата! Наместо тоа, ќе има
дво- часовно тв. шоу кое на своевиден начин ќе им оддаде признание на
изведувачите што требаа да настапат во Ротердам.
Напишавме „коронавирус костум„ бидејќи уште таков се нема појавено...
Евровизија е телевизиски проект во кој сите песни со изведувачите на големата сцена се направени да личат како спотови, снимани со мал милион камери од различни агли, со милион светла, сценографија, лед светилки, чад, ветар...па дури и снег, три Д анимации, чуда од техника... Во тие три минути на сцената на секој му се дава можност да прикаже и покаже, а за истите тие три минути требаат месеци и месеци подготовки. Не е спорно дека најбитна е песната, ама таа никогаш не би била доволно добра таму, ако не е поткрепена со визуелна координираност.
Низ годините, имавме можност да видиме се‘ и сешто на Евровизија. И не е целосна вистина кога се вели дека нема точна формула за успех. Има приближна! Добра песна, одлична кореографија, добро осмислен сценски настап и добар вокал, лобирање... секогаш добиваат поени. Можеби недоволно за победа, но доволно за првите десет на табелата.
Ете, видовме дека Тамара тоа го направи! Но не се сите Тамара и ја немаат таа енергија која можат да ја пренесат на милиони. И тоа е еден од факторите- енергијата и емоцијата! Кога одите со добро осмислен целосен производ, можете да се надевате на висок пласман. Да да, знаеме дека за сите овие нешта требаат и пари, но во нашиот случај, пари секогаш биле предвидени за овој настан. И, ако правилно се менаџираат, ќе бидат, па да речеме доволни. Скапа е Евровизија!
Сцена, сцена и сцена...тоа се бара таму. Шоу! А облеката е еден од елементите кои најмногу привлекуваат или не привлекуваат внимание. Во сите наши евровизиски претставувања, коментарите освен за песната, беа насочени и кон стилскиот печат на изведувачите. Не коментиравме само ние, коментираше и Европа. И тоа е добро ако коментираат, најчесто носи запазеност на изведувачот. Но, ако нешто не чини, и цел свет да зборува е малку за да се добие спротивниот ефект.
Имавме ние и лоша и добра облека во досегашните настапи. Некои пејачи до толку беа самобендисани што не дозволуваа никој да им се меша во изгледот, па самите си ја зедоа работата во свои раце. Некои имаа добри дизајнерски комбинации, а некои со реличиси превземени креации...
Редоследно нема да одиме, но ќе почнеме од последната- Тамара.
Точно создадено според нејзините пропорции. Фустан што треба да истакне и да сокрие таму кај што треба. Боја која привлекува... Материјалот ужасен! Ама, после една година, редно е да кажеме дека тој фустан е еден вид копија, амо може така да се каже. Еве за што се работи: Mainbocher фустан од 1950 година...
А, првото нејзино
евровизиско претставување со Адриан Гаџа и Врчак нема да го коментираме од
проста причина што тука нема што да се коментира.
Каролина Гочева кога првиот пат се појави на Евровизија предизвика таква популарност со фустанот, што сите пишуваа за тоа. Беше како принцезата Зина- принцезата воин. И тој фустан ќе остане запишан како еден од највпечатливите во историјата на Евросонгот. Сценски фустан, точно наменет за таа пригода, драматичен и таков кој не може да се заборави. Имаше многу коментари, посебно за корсетот кој имаше верзија на стомачни мускули, ама во целина изгледаше моќно.
Второто нејзино евровизиско издание беше во знакот на нејзините долги нозе. Едноставен краток фустан без премногу драма кој сепак беше соодветен, но овде Каролина со нејзината убавина го привлече целото внимание.
Елена Ристеска вешто го направи нејзиниот евровизиски настап. Точно знаела како! Комбинација која е безвремена кога е во прашање горниот дел, а целосно го истакнува нејзиниот сексипил. Па и кусите фармерки беа во согласност со неа и изведбата.
Пред Армани се молчи. Токму од дизајнерот Армани Калиопи носеше креација кога ја испеа „Црно и Бело„. Моќна исто толку колку што беше и едноставна, што не може да се рече за вториот Евровизиски настап со „Дона“ кога фустанот и беше еден вид верзија на дизајнерот Александар Меквин.
На Јана Бурческа сценскиот настап и самата сцена и го уништија целосниот впечаток, а не облеката. Беше соодветно облечена и прикажа голем дел од нејзината убавина, но црната боја едноставно не се вклопи во сценографијата. За потсетување, делегациите од напред знаат каква ќе биде сценографијата на изведувачот, па организаторите на Евровизија прашуваат што и каква боја ќе носи пејачот за да ја адаптираат сцената.
Девојките од групата XXL беа солидно облечени... Свежи бои, младешки изглед, координираност и усогласеност со кроевите. Кај нив знаеме што се случи во поглед на изведбата, па се‘ друго паѓа во вода.
Тијана можеше многу повеќе. Ја испеа песната со денс ритам приклештена во костим. Да, тоа и би изгледало шармантно ако таа правеше повеќе сценски движења и со соодветна кореографија, ама тоа не се случи.
За понежната половина од “Ај Кју„ си кажаа сите модни експерти засегнати за Евровизија. Инаку, има модна награда која се нарекува „Барбара Декс“ која со години симболично им се „врачува“ на најлошо облечените на настанот. Ние во повеќе наврати сме биле на листата, ама со овој изглед бевме први... и уште еднаш први- Со Марин Вучиќ. Па така, нашата земја е меѓу трите кои два пати ја имаа однесено наградата за налошо облечени на оваа листа.
И кога сме веќе кај нашите машки изведувачи, нема тука простор за моден маневризам, а и тоа како можеле да изгледаат топ.
Даниел Кајмакоски проба нешто, недоволно со мантилот. Владо Јаневски беше елегантен, но просечен. Влатко Илиевски изгледаше убаво, но песната и кореографијата ја загушија сцената, Некст Тајм со рокерско не рокерска облека со примеси на Наполеон стил, Ѓоко Танески како за на свадба, Влатко Лозаноски добар, во соглесност и со песната, но Есма го сруши целиот изглед и неговиот и нејзиниот, а Тоше Проески го укрутија толку многу, што едвај можеше да мрдне. Сценски костум да, но за него не таков!
Имаме ние луѓе визионери овде кои знаат како треба да се изгледа на Евровизија! Таквите обично не ги бараат. А, секој од нив би можел да предложи нешто кое би било интересно за Европа и светот. Поделени во „кланови“ и со тие што со години соработиваме, се плашиме да не ја расипеме калимерата ако побараме мислење од други.
Р.Ж.М.