НОВИOТ БИЗНИС ЗАПOЧНУВА: Кој прв ќе инсталира складишта за електрична енергија во Македонија?

Регулаторната комисија за енергетика минатата недела ја издаде првата лиценца за складирање на електрична енергија од обновливи извори во батериски системи. Прва компанија која се стекна со оваа дозвола е Солар Енерго Систем, која е поседувана од неколку сопственици.
Според лиценцата, таканаречените „сториџи“, чие инсталирање како нова енергетска дејност е овзможено со новиот Закон за енергетика, ќе се поставуваат на фотоцентралите што ги поседува Солар Енерго Систем во Гиновци, Ранковце, со вкупна моќност од околу 4,5 мегавати. Десетиците батерии се од кинескиот производител „Веихенг“, а одреденото време на полнење и празнење, како што е наведено во лиценцата, е околу два часа..
Вишокот електрична енергија од обновливи извори, како што се фотоцентраите, прави проблеми и дебаланс во мрежата и јасно е дека складирањето станува неопходност и е неизоставен чекор од енергетската транзиција.
Сопственици на „Енерго Солар Систем“ се Хромак и УПМ-Груп кои се најпознатите градежни компании во Куманово, понатаму „ИНТ“-Трејд, најпозната текстилна компанија од Кочани на пооранешниот градоначалник на овој град Николчо Илијев, како и Централ Инвест, компанија која се занимава со обновливи извори на енергија во сопственост на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство.
Управител на Енерго Солар Систем Доо Куманово е познатиот кумановски бизнисмен Бобан Спасовски (Бобан Делукс). Уделите на сите четири сопственици се подеднакв поделени на 25 отсто. Овој производител на електрична енергија лани имал приходи од 40 милиони денари со еден вработен и се очекува да се зголемуваат се повеќе.
„Регулаторната комисија за енергетика на 29 септември одржа седница на којашто донесе Одлука за изменување и дополнување на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на електрична енергија поради зголемување на капацитетите на фотонапонската електроцентрала ФЕЦ “ГИНОВЦИ ” со складиште на електрична енергија во склоп на електроцентрала и поради усогласувањето со Законот за енергетика на Друштвото за производство, трговија и услуги ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМ ДОО Куманово“, објави Регулаторот кој за прв пат при издавање на лиценца го споменува терминот „складирање на електрична енергија“.
Во моментов има голем број на заинтересирани инвеститори кои чекаат да вградат батериски системи на своите централи, но како што дознава „Фактор“, го чекаат правилникот од Министерството за енергетика за да добијат појасна слика. Министерствто за транспорт веќе направи измена на Правилникот за поставување опрема за која не е поотребно одобрение за градење.
Голем број на фирми имаат интерес да направат измени на своите лиценци заради инсталирање на складишта за електрична енергија, а има и такви кои регистрираат новоформирани компании со кои, заедно со интернационални партнери, ќе тргуваат и инсталираат батерии за производители.
А.К.