Почина македонската фудбалска легенда Кирил Дојчиновски
На 79 години почина еден од најславните фудбалери во историјата на македонскиот фудбал, легендарниот фудбалер и тренер Кирил Дојчиновски.
Кирил Дојчиновски ќе остане засекогаш запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој настапил на едно Светско првенство, тој беше дел од селекцијата на Југославија на мундијалот во тогашна Западна Германија во 1974 година.
Дојчиновски започна со Вардар, за кого запиша 218 натпревари од 1962 до 1967 година. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда каде играше од 1967 до 1974 година од каде заминува во француските Тројс и Париз.
Дојчиновски беше постојан репрезентативец на Југославија 1970 до 1974 година, со Црвена Звезда четири пати стана шампион на Југославија, полуфиналист во Купот на европските шампиони...
По завршувањето на кариерата како играч, продолжува како тренер, работи во Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор, а потоа е тренер и во Македонија во екипите на Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип, Ираклис...
Кирил Дојчиновски, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.