ПОДЕЛБИ ПОАКТИВНИ ОД СМРТТА
Во дваесетата глава од книгата „Судбини посилни од смртта“ Курт Вонегат пишува: За време на разговорот со историчарот Артур Слезинџер – младиот, му го зададов следното прашање: „Како ќе ги разделиш жителите на планетата на две групи, без да се сообразиш со полот им? Тој се замисли и по десетина секунди одговори: „Облоглави и Кавалери“. Прочитаното кај Вонегат, мојот идол помеѓу писателите , ме врати во годините на мојот студиски престој во Софија, Р.Бугарија. Студентите кои ги следеле предавањата по Руска литература на Националната академија за театар и филм, говореа дека за професорот Каракашев има три врсти на луѓе: Оние кој го прочитале романот „Браќа Карамазови“, оние кои не го прочитале и оние кои некогаш ќе го прочитаат. Десетина, а можеби и повеќе години, во романот „Јад“ што го напишав, без да го изневерам мојот идол Вонегат, со комична, на моменти и хумористична содржиба, го поделив светот на групи на луѓе. Едните ги нареков чекачи, а другиоте облуси. Чекачите се луѓе кои целосно се предадени на судбината, односно, избираат да се медиум преку кој човековата судбина ќе ги реализира своите одлуки. Наспроти нив, облусите се луѓе кои имаат верба само во моќта на нивната воља. Ако чекачите го трошат животот чекајќи, облусите го трошат ловејќи ги чекачите, за кои мислат дека се недостојни за живот на планетата земја. Еден ден од книжарницата на издавачката куќа каде се уште се продава романот, ми јавија дека дошол познат режисер и го купил токму мојот роман. Се надевам дека се сложил со мојата поделба на луѓето што ја населуваат планетата Земја.
Додека бев мал ја слушав нана Блажа како го дели луѓето на грешници и праведни. Дедо Трајко , таткото на мојот татко, ги делеше на крадци и поштени. Мајка ми – работничката во четири смени во памучната индустрија, ги делеше: на оние кои одмараат во сабота и недела и на оние кои не знаат ниту за празник, ниту за делник. За татко постоеја само луѓе и не луѓе. Се слагав со секоја нивна поделба. Можеби оти немав животен опит, или оти имав интуиција која ми ги надминуваше годинките. Се слагав со нив како што денес се сложувам, од немајкаде, со политичарите кои ги делат луѓето на оние кои се нивни подржувачи (дури и кога лажат, а кој лаже и краде, барем така вели народот) и на оние кои тоа не се.
И покрај тоа што во целост ја прифаќам поделата на татко, на луѓе и не луѓе, како најпрецизна, најточна, кај мене се јавува потреба за поделба на луѓето, да речеме на основ на еснафот. Кога Вонегат го прашал својот пријател , сликарот-графичар, Сол Стајнберг - „Зошто со некои писатели не можам да разговара , како да се претставници на коренито различни професии, да речеме како педијатар и водоинсталатер?“ Пријателот сликар, му одговорил дека постојат два вида на творци: „Едните одговараат директно на животот, другите на историјата на својата уметност.“ Кога би требало да ја поделам нашата писателска фела, далеку од полот, етичката и партиската припадност, сигурно би се исправил пред ѕид преку кој не ќе можеш со торна, не пак со главата.
Дедо Tрајко кој не ги сакаше измамниците, а самиот наместо со тегови, ги мереше лубениците што ги продаваше на пазарот со камења, би рекол дека најдобро е ако ги поделиш на ефтини и скапи. Тоа значи ако некого можеш да го купиш за еден ручек,да речеме десетка со кромид, толку и вреди.
Сведок сум на многу ефтини писатели. Што значи писателите жители на планетата Земја, можеме да ги поделиме на: Многу ефтини во Македониоја и многу скапи надвор од неа.
Опаа-ихаа! Ревнува ороводецот, штом ќе рзне тапанот.
Пишува: Трајче КАЦАРОВ