ПОСВЕТЕНО ВО ЗАШТИТАТА НА БЕЗБЕДНОСТА НА ПАЦИЕНТИТЕ: Симулациска вежба за вонредни состојби во „Аџибадем Систина“
Како општествено одговорна компанија чии основни приоритети се здравјето и безбедноста на пациентите, Клиничката болница „АџибадемСистина“ реализираше комплексна симулациска вежба на тема „Згрижување и евакуација на болни, повредени, посетители и персонал на безбедно место, обезбедување на итна медицинска помош и противпожарна заштита при појава на земјотрес во услови на пандемија со Ковид-19”.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ континуирано и посветено работи на зголемување на безбедноста на пациентите преку организирање и реализација на обуки и вежби за зголемување на подготвеноста на персоналот за навремен и правилен одговор на предизвиците кои претставуваат опасност по здравјето на пациентите, кои во време на пандемијата на коронавирусотсе покажуваат како уште позначајни од вообичаено.
Цел на вежбата беше да се провери нивото на подготвеност на персоналот за справување со последици од земјотрес и пожар, постапување при дадени инструкции за евакуација на објектите, како и проценка на ефикасноста и ефективноста при взаемното делување со другите надворешни субјекти од системот за заштита и спасување на Република Македонија.
Вежбата беше успешно изведена според планираното сценарио во согласност со стандардите за постапување во услови на вонредни состојби притоа почитувајќи ги препорачаните протоколи за превенција и заштита во услови на пандемија со Ковид-19. Според сценариото предвидени беа две критични точки на симулација на пожар каде што покрај внатрешните тимови за гасење пожар активно учество зема екипа на противпожарната бригада на Град Скопје.
Симулацијата за евакуација на пациенти со Ковид-19 се изведе со учество на дополнителни тимови од Дирекцијата за заштита и спасување кои беа опремени согласно стандардите за управување со лични мерки за заштита во услови на пандемија со Ковид-19 за медицински лица (скафандери, заштитни маски, респиратор маски, заштитни капи, заштитни ракавици, заштитен визир и друго), покрај тимовите за евакуација на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Евакуацијата на пациенти со Ковид-19 се изврши во посебен шатор поставен на безбедно растојание од тријажната зона при што беше обезбеден строго контролиран пристап од страна на републичките сили за заштита и спасување.
„Ова е деветта година по ред како реализираме симулациска вежба, втора во услови на пандемија,преку која го проверуваме системот за заштита при вонредни состојби. Лекциите и искуството стекнато со анализа на елементите на симулациите ни овозможуваат континуирано да го подобруваме и надградуваме системот за реакција при вонредни настани, а со тоа и да обезбедиме безбедна средина за нашите пациенти, посетители и вработени” Ѓорѓи Анастасов –менаџер за квалитет.
„Освен подготвеноста за справување со последиците денеска се истакна и одличното заемно делување со останатите надворешни субјекти од системот за заштита и спасување, односно и единица на противпожарната екипа на Град Скопје.” Марјанчо Јаневски- командир на единицата за заштита и спасување во „Аџибадем Систина“.
„Клиничката болница „Аџибадем Систина и натаму ќе продолжи активно да инвестира во едукацијата на својот кадар со цел да го зголеми квалитетот на здравствената нега и подготвеноста на истиот да одговори на сите задачи во интерес на здравјето на пациентите. Целиот персонал пристапи со голем елан во реализирање на задачите според предвиденото сценарио и презема иницијатива што резултираше во успешна реализација на вежбата“, изјави д-р Жарко Христовски, медицински директор на Клиничката Болница „Аџибадем Систина“.