Познатиот јутјубер „Mr Beast“ на 1.000 слепи лица им помогнал да прогледаат, ги снимил

Суперѕвездата на Јутјуб – „Mr Beast“, го направил светот поубав за најмалку 1.000 луѓе откако им платил операција на катаракта по што им се вратил видот.

Тој во саботата на својот Јутјуб канал објавил видео каде рекол: „Лекуваме слепило на 1.000 луѓе“, видеото за само 24 часа добило 32 милиони прегледи, а до денес има над 40 милиони прегледи.

Видеото содржи емотивни моменти пред и потоа, откако пациентите јасно почнуваат да гледаат по операцијата во Флорида.

Вистинското име на „Mr Beast“ е Џими Доналдсон, а операциите се реализирани во соработка со доктор којшто инаку работи на давање бесплатни операции за катаракта за лица кои немаат здравствено осигурување. Доналдсон го исконтактирал и му ја предложил идејата која ја реализирале. Докторот на крај имал и по 40 операции дневно.

„Пола од сите слепила на светот се луѓе на кои им е потребна 10-минутна операција“, објаснил докторот наведувајќи дека катарактата е честа причина за слепило, дека не е комплицирана операција, но дека луѓето за жал не можат да си ја дозволат.

Со собирање на пациентите започнале така што повикале бездомници и различни клиники кои им давале списоци од пациенти. Докторот кажал дека многумина од луѓето биле во неверување дека некој ќе им се јави и ќе ги спаси од слепило.

Со оглед на огромната количина токсична содржина на социјалните мрежи кои ја пласираат „инфлуенсерите“, однесувањето на овој јутјубер се истакнува како ретко позитивен пример.