Пред нас е долга ноќ, Македонија вечерва нема да спие
Еуфорија, адреналин, возбуда и неизвесност. Денес е денот Д. Во краткиот февруари нѐ очекува долга ноќ. Македонија е на нозе. Вечерва нема спиење. Македонија е подготвена за историја. Една веќе испишавме.
Првпат во историјата на Оскарите документарен филм е номиниран во две категории. И тоа е токму нашиот. „Медена земја“ ги воодушеви светските критичари, но и членовите на Академијата. За македонското ремек-дело на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, за таа совршена приказна со универзален одглас за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, светот изминатиов период не престана да зборува.
Ние веќе сме победници. По победата лани на Санденс, филмот не престана да собира награди на различни континенти, а многу влијателни светски медиуми го ставија во Топ 50 најдобри филмови за 2019 година. Ни остана уште финалето. Очекуваме две статуетки, ќе бидеме пресреќни и со една. Како што вели Атиџе, пола-пола, како и со медот и пчелите.
И доколку сѐ уште се мислите на каков терен и во чие друштво да го дочекате претстојното понеделничко утро, имајте на ум дека МКЦ веќе испрати отворена покана за организирано гледање на преносот од Лос Анџелес. За добро расположение на оваа долга и возбудлива ноќ ќе се погрижи бендот „Фолтин“.