Пробиотици и електролити – идеална комбинација при дехидрација и дијареа
Дијареата е состојба кога имаме нарушување на метаболитичките процеси во дигестивниот систем проследено со повеќе од три течни столици во текот на денот. Притоа често се присутни и стомачни грчеви, а како причинители обично се вируси или бактерии (бактериски токсини) кои покрај диајреата предизвикуваат и повраќање. Ова прекумерно губење на течности во рок од само неколку часа доведува до дехидратација на организмот која може да има фатални последици. Особено е опасна кај бебињата и малите деца заради специфичниот начин на исхрана и проблемот со надополнување на изгубените течности и електролити.
Симптомите на дехидратација вклучуваат: појава на сувост во устата и леплива плунка, појавa на темна урина, мокрење во мали количини, појава на слабост, апатија, нервоза, вртоглавица, треска. Затоа за најдобар начин за лекување на дехидратацијата се смета спречување на нејзиното појавување. Со орална рехидрација треба да се започне што побрзо - ORS треба да се даде веднаш штом започнат симптоми на акутна дијареа со цел да се спречат компликациите.
Пробиотиците се веќе стандардна терапија и прв избор при дијареи, но кога постои и повраќање нивната комбинација со орални рехидратациски соли (ОРС) дава далеку подобар ефект. Иако добрите пробиотски култури во цревата, а и оние во додатоците на исхрана се пред се бактерии (Lactobacillus, Bifidobacterium) и се докажано неопходни за нормално варење на храната, пробиотик кој најчесто се комбинира со ОРС е всушност габа. Се работи за видот Saccharomyces boulardii кој не е дел од нормалната цревна микрофлора, но е мошне корисен кога постои нејзин дисбаланс, дијареа и губење на течности. Она што го прави идеален избор се неговите карактеристики, а тоа се:
Има оптимален раст на телесна температура 37 °C
Го преживува трансферот низ сите делови на дигестивниот тракт
Отпорен е на ниска pH вредност и на жолчните соли
Природно е отпорен на антибиотици
Не го колонизира дигестивниот тракт – се елиминира од фецесот после 3 - 5 дена од прекинот на употребата
Неговиот механизам на дејство вклучува: Инхибиција на токсини – Блокирање на рецепторите за бактериските токсини и директно ги разградува бактериските токсини (C.difficile toksini A i B). Има и антимикробно дејство т.е директно го инхибира растот на патогените (Candida albicans, Salmonella typhumurum)
Ваквата комбинација доаѓа во вид на прашок кој се раствора во 250 мл зовриена и оладена вода на собна температура на вода и се пие во мали голтки. За да се подобри вкусот, подготвениот раствор може да се заслади со мала количина на овошен сок.
Може да се користи при сите состојби кога постои дијареа или повраќање со цел да се спречи дехидрација (инфективна дијареа, дијареа предзивикана од нерамномерна цревна микрофлора, патничка дијареа, дијареа предизвикана од антибиотици, инфекции со Clostridium difficile i Salmonellom typhi, Crohn-ова болест, синдром на иритабилен колон, дијареа при HIV- инфекции и парентерална исхрана)
М-р по фармација Емад Канан