Против ширењето на вирусот: Кликни Јади со бесконтактна достава на храна
Компанијата Кликни Јади почна акција за бесконтактна достава на храна од скопските ресторани. Акцијата е во насока на зголемување на безбедноста, заштитата и поддршка на нужноста да се седи дома во услови на ширење на заразата со коронавирус. Во случај кога по направената нарачка, он лајн го направите и плаќањето, храната која сте ја одбрале и нарачале од Кликни Јади ќе ви ја достават пред надворешната врата, секако во специјалното и безбедно пакување. Во случај ако не можете да платите електронски, тоа може да го сторите и пред врата, но отсега за сите нарачки од ресторани кои ви се блиску, доставата е бесплатна, а за останатите, цената на надоместокот за носење е преполовен.
Роберт Тодоровски, менаџер на Кликни Јади за Фактор вели дека акцијата ја прават поради новонастанатата ситуација. Во секој случај доставувачите на Кликни Јади се со заштитна опрема односно маски и ракавици и со дезинфекциски процедури. Во моментов Кликни Јади работи со повеќе од 130 ресторани од градот, а секојдневно се приклучуваат и нови.
„Инсистираме на зголемување на таканаречената бесконтактна достава. Секој сега може да плати електронски и ги охрабруваме луѓето да го прават тоа. Нека нарачуваат и нека плаќаат, така ние омилениот оброк ќе им го доставиме до пред врата, вели Тодоровски.
Додава дека во зависност од далечината на домаќинствата од некои ресторани, цената на доставата ја намалиле и за 60 отсто, додека за тие што се најблиску достава не се плаќа.
Тврди дека се размислува во следен период компанијата да се вклучи и во волонтерските акции како поддршка за носење храна до постари луѓе.