Првиот ден се бањаат зетовци, вториот невести: Различни традиции за ВОДИЦИ
Водици или Богојавление — денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.
Традиционално, во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.Овој ритуал го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан.
Во Македонија, овој празник е еден од најзначајните верски празници и скоро насекаде различно или слично се прославува. Еве како било во минатото во Скопје:
Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Еден ден пред празникот (денес) на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост