Раритети на мотоцикли:Македонски џентлмени во поход
Нашите мажи можеби не се вешти да и кажат на девојата или на жената што да облече, ама повеќето, за нив самите си создаваат стил кој и во очите на другите е добар, убав и вистински машки.
А, не е суштината само да облече костум и да парадира како кловн низ улици, туку и да знае да го носи, да се носи со галантност и џентлменство. Секој денес не е господин, иако многу често за сите го користиме овој поим.
Господин е некој кој ја има моќта да биде и успешен, и влијателен и дотеран и полн со емпатија... И да! Имаме такви и овде, барем се виде на манифестацијата „Возење на истакнати џентлмени“.
Скопје по четврти пат беше дел од глобалното движење (Тhe Distingyished Gentlemans Ride) кое се одржува во над 690 градови во повеќе од 110 држави. На глобално ниво дефилираа над 100.000 моторџии со уникатни и префинети мотори.
Со цел да се подигне свеста за машкото здравје и да соберат донации за борба против рак на простатата, во костум со вратоврска и елегантни чевли, урбани џентлмени на мотори продефилираа низ главните булевари во централното градско подрачје.
Скопје е меѓу градовите со најмногу собрани донации. Засега е на третото место и пред него се само Будимпешта и Белград, а зад него се сите останати поголеми градови од регионот како Љубљана, Загреб, Софија, Солун, Атина…
Инаку, правилата налагаат уникатни мотори и елегантен дрес код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност.
Според официјаната страница www.gentlemansride.com собрани се околу 4112 долари.
Небојша Толески