„Рокчето“ е приказна за сите светови и времиња собрани во едно место – во рогот на изобилството

Првата книга за деца од поетот Никола Маџиров, „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска, а во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер во присуство на многубројна публика во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Се работи за авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. – Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток. „Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството – објасни Никола Маџиров.

– Претставувањето на оваа сликовница содржи најмалку две „првости“, односно три, заедно со вечерашниот настан. Првата е за Никола Маџиров, како негова прва книга за деца, иако е еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Втората првост е за Анета Илиевска, ова е нејзина прва комплексна, самостојна, вистинска сликовница со којашто станува и илустратор. Третата првост е тоа дека ова е прва промоција на „Арс Ламина“ во новиот модерен простор на „Литература.мк суперстор“ – потенцира уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска.

Ќорвезироска објасни и дека, зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач. – Формата „приказна во приказна“ или „кутија во кутија“, како што ја дефинирал Марио Варгас Љоса, во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедото му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук, а читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), а друг во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен) – додава Ќорвезироска.

Илустраторката Анета Илиевска истакна дека, иако со Никола Маџиров претходно не се познавале лично, соработката се одвивала со многу креативни надополнувања. – Со првите илустрации се случи еден клик и почнаа преплетувања на творечко ниво, па почнавме да се надополнуваат заемно – раскажа Илиевска.

Заедно со Ќорвезироска, промотор на сликовницата беше и Ермис Лафазановски. – Приказната за волот и неговите рогови во својата суштина го има митот за рогот на изобилството, кој потекнува од стара Грција и е космогониски мит, но во нашиот фолклор е многу редок како мотив. А зошто Маџиров се зафатил токму овој мотив? Па, затоа што рогот на изобилството е еден скриен поетски мотив, една антрополошка структура на имагинарното и без разлика како е употребен во разните митови и фолклори во европските земји тој секогаш претставува еден вид надеж во подобро утре, во некакво можеби утописко изобилство кон коешто копнее човекот. Се работи за еден ониричен поетски импулс да се стреми кон возвишеното, да се стреми кон некоја утописка иднина во којашто изобилството и целокупната среќа на човештвото е некаков императив.

Лафазановски на интересен начин го долови пораката на „Рокчето“ и до најмладата читателска публика, која на синоќешната промоција ја имаше во голем број. – Во нашите народни приказни воловите и биковите обично се претставени како добри животни кои секогаш се дружат со дечињата и им помагаат. Пораката на оваа сликовница е, меѓу другото, и љубовта меѓу животните и децата – истакна Лафазановски.

Промоцијата заврши со музичко изненадување од Анастасија Илиевска и Стефан Трајковски, ученици од насоката традиционална музика и игра при Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“. Впечатливо и наполно во духот на „Рокчето“.

Сликовницата е во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“ и достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/slikovnici/47114-rokceto

Пр објава