Ростерот на Бајиќ со една измена, против Украина на победа за крај на мундијалските квалификации
По доаѓањето од Сарагоса и непосредно по тренингот одработен во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, селекторот Драган Бајиќ се одлучи за една промена во ростерот.
За средбата против Украина, која ја играме вечер од 18.часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, Бајиќ ќе смета и на Валмир Какруки, кој ќе го замени Виктор Ефремовски (проблеми со вирус), еден од играчите кои не добија шанса за настап на гостувањето во Шпанија.
Крилото на Работнички не е во улога на дебитант, ако се земе в предвид дека во овој квалификациски циклус веќе доби шанса да заигра за нашиот сениорски национален тим. Играше на двете средби против селекцијата на Грузија во кој собра четири минути.
Дуелот вечерва е последен за Македонија и е практично ревијален, немаме шанси за прогрес во следната рунда, влезот е слободен а пренос ќе се емитува на Спорт клуб ХД.