Савевски по поразот од Украина: Моја е одговорноста за поразот
Женската ракометна репрезентација на Македонија, загуби од Украина со 22-24 и направи голем чекор назад во борбата за пласман на мундијалот кој кон крајот на годинава ќе се одржи во три земји, Данска, Норвешка и Шведска.
Пред реваншот со Украина кој ќе се игра во Унгарија на 11 април, селекторот Љубомир Савевски изјави дека ја презема одговорноста за поразот на натпреварот.
„Првите полувремиња ни се катастрофални веќе втора година. Не знам дали домашниот терен создава голем притисок, но на гости играме подобро. Игравме многу лошо, слабо во одбрана и напад, а имавме и слаб ефект на голманите во првото полувреме. Во вториот дел одигравме подобро. Се надевам дека на реваншот во Унгарија ќе бидеме подобри. Ако се поправиме можеме да изненадиме во вториот меч. Ако не успеам да направам селекција ќе преземам комплетна одговорност. Сите имавме големи очекувања, но Украинките ме изненадија во првиот дел со брзата игра“, изјави селекторот Савевски.