Селфи со Колинда, средба со Роналдо, дружба со Балиќ, Боби Робсон, Лари Бирд: Горан Кипријановски, спортски фан, верен навивач на македонските репрезентации
Ги следи натпреварите на македонските репрезентации во разни спортови од осамостојувањето на земјата. Направил мал музеј од разни спортски сувенири во својата канцеларија, која ја посетиле претставници на France Football, La gazetta de la sport иШведскатателевизија. Горан Кипријановски по професија е магистер по економија, а се занимавасо посредување во осигурување, реосигурување и штети, како и со консалтинг во осигурување.
Меѓу навивачите е познат како Кипре, и е познат надвор од земјава. Се појави во документарецот за успехот на нашите кошаркари во Литванија. Во 2004 година бил гостин на NBA all star натпреварот во Лос Анџелес, во Staples centarot и имал можност во живо да види голем број светски ѕвезди, пејачи, актери, спортисти. Присутен е и на Европското ракометно првенство во Дебрецин, Унгарија. И овој пат освен во улога на навивач, се претстави и како наш амбасадор.
ММ:Каков домаќин е Дебрецин? Се чувствува ли ракометната атмосфера во градот?
- Градот Дебрецин се покажа како добар домаќин во текот на овие денови додека сме тука од почетокот од групната фаза на Европското првенство во ракомет. Луѓето се пријатни и гостопримливи. Градот е втор по големина во Унгарија, убав и мирен и нуди многу можности во зависност од тоа кој каква потреба има. Можеби мал проблем преставува комуникацијата помеѓу жителите и странците кои работат или го посетуваат градот, односно јазикот, бидејќи ретко кој знае или сака да зборува англиски. Но, се наоѓа начин како подобро да се разберат луѓето.Инаку, во градот не се чувствува ракометна атмосфера, освен во еден локал каде што се собираат дел од навивачите и пред спортската сала Фоникс Сарнок.Реклама за првенството има само на две-три места во центарот на градот, што навистина нé зачуди. Да не се навивачите кои шетаат со дресови, капи или шалови, нема ни да забележите дека се случува натпревар или првенство. Чудно, но вистинито.
Со Предраг СтојковиќММ: Бевте на прием кај градоначалникот на Дебрецин. Како помина средбата?
- На денот на одигрување на натпреварот со Словенија (13.01.2022 н.з),бев на прием кај градоначалникот Ласло Пап и заменикот градоначалник на Дебрецин-сектор еконономија и спорт, Лајош Барса. На градоначалникот му подарив дрес од македонската ракометна репрезентација, а на двајцата им дадов сувенири и брошури од Македонија. Беа воодушевени и се заблагодарија на мојот гест. Ни посакаа успешен настап на ракометарите и пријатен престој во нивниот град.Од 2009 година, односно од ЕП во кошарка кое се одржа во Полска, до денес, на секое патување носам разни сувенири и промотивен материјал за Македонија, кои ги подарувам на разни луѓе и структури. Давам еден мал придонес кон промовирање на Македонија, на еден нормален и културен начин, кој го правам со срце и љубов. Истовремено промовирам и една поинаква навивачка култура.
Со бразилскиот РоналдоММ: Дали Корона ситуацијата наметна нови правила и ви го ограничува движењето во салата и надвор од неа? Имате ли место каде што може да се опуштите и во ваш стил да го славите ракометот, со песни и ора?
- Корона ситуацијата направи одредени проблеми, односно поради разни протоколи и процедури, еден голем дел на навивачи и фанови се откажаа од патувањето. Исто така поради откажани авионски линии,македонски навивачи и фанови од други земји во Европа требаше да прават разни комбинации за да стигнат до Дебрецин, па и тие откажаа. Сепак, тие што дојдовме тука во Дебрецин, навиваме за сите од Македонија и им даваме максимална поддршка. За да се присуствува на било кој од натпреварите на Европското првенство во ракомет, мора претходно на одредено место пред спортската сала да се легитимирате со пасош, да покажете билет за натпреварот или натпреварите, како и потврда за вакцинација или ПЦР тест не постар од 72 часа, па врз основа на тоа да добиете алка и потоа непречено да влезете во сала. Ова се прави еднаш за сите три натпревари и доволно е само да го покажете билетот при влез во сала. Движењето во салата не е ограничено. Задолжително мора да се носи маска цело време додека траат натпреварите, освен додека пиете или јадете во салата. Пред натпреварите, еден добар дел се собира на едно место, во еден локал во центарот на Дебрецин каде што се пеат македонски песни, па дури и се игра оро. Меѓу гостите во локалот присутни се и навивачи од Словенија и Данска, кои со воодушевување ги слушаат македонските песни. Дури и самите сакаат да играат и научат некое македонско оро. Штета што поради Ковид ситуацијата нема организирано фан зона, инаку ќе беше поинаку и поинтересно. Сепак треба да ги почитуваме Ковид протоколите и ја прифативме реалноста како што е. Се работи не само за наше, туку и за здравјето на сите околу нас.
Боби Робсон е вистински господин
ММ: Кога се појави љубовта кон спортот и кој беше првиот натпревар кој го следевте како навивач?
- Љубовта кон спортот ми се појави на деветгодишна возраст и тоа на еден фудбалски натпревар на ФК Вардар. Од тогаш, постојано сум присутен на разни натпревари, од различни спортови, без разлика дали се игра во Македонија или во странство. Во соседството живееше првиот селектор во фудбал Андон Дончевски, кој честопати нé канеше да дојдеме на стадион кога играше Вардар. Добивме и покана да тренираме во клубот. Идол почна да ни станува Дарко Панчев, кој подоцна стана и доста популарен, пред да го напушти ФК Вардар.Секакодека една од причините за љубовта кон спортот е и нашата кошаркарска легенда Перо Блажевски, кого многу го ценам не само како поранешен кошаркар и тренер, туку и како човек кој е пример за многу спортисти во Македонија и пошироко,без навреда кон другите, за сите имам респект.
Со Самуел ЕтоММ: Илјадници прелетани километри на неколку континенти. Колку мечеви, градови, земји се запишани во навивачката статистика?
- Да бидам искрен, до денес не сум водел никаква статистика за посетени натпревари, било тоа да се на стадиони или во спортски сали, пријателски или официјални, за мажи или жени, за јуниори, младинци или сениори, во повеќе спортови. Веројатно ќе треба некогаш да седнам и да ги напишам по мое сеќавање, со помош на разни брошури, списанија или билети што сеуште ги чувам како спомен. Не сум бил присутен само на наши клубови или репрезентации, иако тогаш најмногу се радувам. Сум бил на натпревари и на странски екипи и репрезентации. Се работи за период повеќе од 35 години.
Со Марко ван БастенММ: Многу анегдоти, приказни, пријатни и непријатни случки се дел од ваквите собири. Би издвоиле ли некои од нив?
- Знам дека има ривалство во повеќето спортови, но секогаш гледам да е во границите на нормално и културно однесување, на победите да се радуваме, а во поразите да ги поздравиме победниците. Сепак, ова е спорт, а не политика или било што. Од многуте случки. ќе издвојам некоја.На 31 октомври 1996 година во Белград имав можност да го гледам фудбалскиот натпревар помеѓу Црвена Ѕвезда и Барселона, па неколку часа пред мечот, со двајца другари бевме да го видиме новиот хотел „Хајат“. При влезот забележавме големо обезбедување. Само што седнавме во барот, се појави легендарниот Боби Робсон, тогашен тренер на Барселона. Му пријдов и културно го замолив за една фотографија. Ми рече: „Одам на состанок со играчите, ќе се вратам за 15 минути“. Замина со играчите во некоја од салите во хотелот. Навистина, после 15 минути Боби Робсон ми пријде позади грб, ме потчукна за рамо и ми рече: „Е, сега можеш да направиш и повеќе фотографии.“ Потоа се појавија и други играчи, меѓу кои и бразилскиот Роналдо, кој исто така се фотографираше. Тоа ми остави голем впечаток, особено тренерот Боби Робсон, кој се покажа како вистински господин.Во април 2015 година бев на гости кај мои пријатели во Дизелдорф и дознав дека во градот Вупертал, ќе има ракометен натпревар помеѓу Вупертал и Вецлар. Тогаш во РК Вецлар играше Дејан Манасков, а соиграч му беше Ивано Балиќ, еден од најдобрите ракометни светски играчи, на кој му беше претпоследен меч во кариерата. По завршување на натпреварот, чекајќи го Дејан Манасков да излезе од соблекувална, имав можност да го запознам Ивано Балиќ.Му реков дека во септември ќе се одржи Европското првенство во кошарка во Загреб и на шега му нагласив ако случајно ме види да ме поздрави. На еден кошаркарски натпревар на Македонија во Загребска Арена се појави Ивано Балиќ, како гостин на првенството заедно со други спортисти. Ме забележа во првиот ред каде што бев и директно од влезот дојде кај мене на трибина. Разговаравме околу десетина минути, а луѓето што беа со мене се чудеа од каде сум толку близок со Балиќ.
На истиот натпревар имав можност да се сретнам на трибина со тогашната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, да се фотографирам и да поразговарам на кратко. Иако имаше добро обезбедување, сепак на мој својствен начин успеав да стигнам до неа.Во ноември 2019 година Хрватската Фудбалска Федерација ме покани да присуствувам на квалификацискиот и одлучувачки натпревар за Европско првенство во фудбал, помеѓу Хрватска и Словачка, кој се одигра на стадионот Рујевица во Риека. На тој натпревар имав чест да бидам присутен во ложа и во непосредна близина на Колинда Грабар-Китаровиќ, Давор Шукер, Ќиро Блажевиќ и други познати спортисти од Хрватска. На полувреме од натпреварот пријдов до Колинда, и и’подарив едно знаменце од Фудбалската Федерација на Македонија. Кога забележа дека сум од Македонија, почна на глас да вика: „Јас ги сакам Македонците и на Вас ви пожелувам успех и пласман на ЕП и ајде да направиме селфи фотографија.“ Едноставно ме изненади и мене со гестот. По натпреварот имав можност за разговор и фотографирање со познатиот Ќиро Блажевиќ, кој беше доста среќен и расположен поради успехот на фудбалерите. Првата фотографија со него ја направив во 2000 година.
Со Мишел ПлатиниММ: Што е тоа што ве тера да бидете навивач и на трибините да ги оставите срцето и душата, без да размислувате за материјални средства? Каде се крие адреналинот?
- Спортот е како религија, или ја сакаш и почитуваш или не. Или го сакаш спортот со срце и љубов или не. Емоции има многу, како и возбудувања. Адреналинот постојано расте на возбудливи натпревари и полни со пресврти. Тоа не може да се опише со зборови, треба да се доживее на лице место.Спортот е нешто што обединува, нешто што нема граници.Најмногу го сакам спортот и тоа е единствено нешто заедно со музиката што ме релаксира од секојдневните работни обврски, а нормално и ме исполнува.Како што спортистите ги оставаат срцето и душата на терен, така и ние што навиваме или ги бодриме нашите спортисти, даваме максимална поддршка, не само на домашен, туку и на гостински терен. Честопати, при патување, односно посетување на спортски натпревари, се запознавам со разни луѓе, народи,култури,обичаи, а исто така стекнав многу познанства и искрени пријателства, со кои сум во голем дел во комуникација. За ова задоволство не сум жалел, а ниту ќе жалам за материјални средства.Во животот духовното е она што исполнува, а не материјалното. Богат си колку си потрошил,прошетал, видел, научил, а не колку имаш.Адреналинот е најголем при големи настани, при разни пресврти во последни моменти, минути или секунди, во очекување на поволен резултат. А посебно кога сте во исчекување на резултат кој води во некоја следна фаза на натпреварување или одлучувачки натпревар за европско или светско првенство.За време на моите патувања и присуство на разни спортски натпревари, имав можност лично да се сретнам со познати спортисти и да направам фотографија за спомен. Ги има многу, но некои од нив се: Лари Бирд, Роберт Париш, Боби Робсон, Мишел Платини, бразилскиот Роналдо, Самуел Ето, Пеп Гвардиола, Луис Енрике, Марко Ван Бастен, Владе Дивац, Предраг Стојаковиќ, Жељко Обрадовиќ, Дино Раѓа, браќата Карабатиќ, По Гасол, Дуда Ивковиќ, Ратко Рудиќ, Александар Ѓорѓевиќ и други. Бројката со познати спортисти е голема и сигурно е над 350.
Соња Алексоска Неделковска