Шкупи игра за историја, пласман во групната фаза во Конференциска лига, повторно нема пренос за македонската публика

Шкупи вечерва го пречекува косовски Балкани, натпревар од плејоф, прв меч за пласман во групната фаза во УЕФА Конференциската лига.

Ова е историски меч за Шкупи, шанса за продолжување на настапот во европските натпреварувања, за жал, македонската публика повторно е „ускратена“ за пренос од овој меч кој се игра од 21 часот на арената „Тодор Проески“.

Ниту една македонска телевизија повторно не покажа интерес да емитува директен пренос од најважниот меч летово за македонскиот шампион. Инаку повторно, албанската ТВ Суперспорт ќе емитува пренос за своите гледачи за територијата на Албанија на својот 2 канал.


Доколку Шкупи успее да биде подобар од Балкани од Косово во двомечот, тоа ќе биде втор македонски клуб во историјата кој успеал да стигне до групна фаза на натпреварување во организација на УЕФА, претходно тоа му успеа на Вардар во Лигата на Европа.

Тренерот на македонскиот првак, Гоце Седлоски, смета дека е ова голема шанса за историски резултат, противникот не се потценува, но не се преценува.

„Треба да одиграме најдобро што знаеме, да бидеме максимално фокусирани и да извлечеме добар резултат, подготвени сме за тоа, верувам дека моите фудбалери успешно ќе ги одработат поставените задачи. Противникот е анализиран, догро ги знаеме неговите квалитети, игравме и пријателски натпревар. За нас ова е историски меч, па сакаме да бидеме дел од историјата“, изјави Седлоски.