Штета што Брандо повеќе не е жив: Холивуд исправи неправда стара 50 години

Скоро 50 години откако Индијанката, припадничка на домородниот народ Апачи, Сачин Литлфедер (Малиот пердув) излезе на сцената на Оскарите во 1973 година за да објасни дека големиот холивудски актер Марлон Брандо не сакал да го прифати Оскарот поради начинот на кој во холивудските филмови ги прикажуваат домородните Американци, Американската академија за филмски уметности и науки ѝ се извини за злоупотребата што таа потоа ја претрпе.

Филмскиот музеј на Американската академија денеска објави дека на 17 септември Сачин Литлфедер, која сега има 75 години, ќе биде поканета на вечер на „разговори, исцелување и почит“, пренесува АП.

Кога Марлон Брандо го освои Оскарот за најдобар актер во 1973 година за „Кум“, Малиот пердув излезе на сцената во фустан карактеристичен за Индијанците и мокасини од еленска кожа, со што стана првата Индијанка што го сторила тоа на една од најпрестижните филмски награди во светот.

Во својот говор од 60 секунди, таа објасни дека Брандо не сака да ја прифати наградата поради „начинот на кој филмската индустрија се однесува кон Индијанците, домородните Американци“.

Некои од публиката потоа ја исвиркаа, а според сведоците на настанот, актерот Џон Вејн, кој таа вечер бил зад сцената, зоврел од гнев.

Литлфедер се сеќава дека поради нејзиното кратко појавување на церемонијата на Оскар во 1973 година, била изложена на долгогодишна дискриминација, потсмев и физички напади.

Објавувајќи ја одлуката да се повика на извинување на оваа храбра жена, Академијата за филмски уметности и науки го цитираше претседателот на Академијата Дејвид Рубин кој рече дека говорот на Литлфедер е моќна јавна изјава „која продолжува да не‘ потсетува денес на потребата да се почитува човечкото достоинство.

- Злоупотребата што ја претрпевте поради вашата изјава беше неоправдана. Емоционалната жртва што сте ја издржале и цената што сте ја платиле за уништената кариера во нашата индустрија е непоправлива. Предолго, храброста што ја покажавте остана непризнаена. За ова ви нудиме најдлабоко извинување и го изразуваме нашето искрено восхитување – напиша Рубин.

Одговарајќи на писмото на Дејвид Рубин, Литлфорд рече дека е „длабоко охрабрувачко да се види колку многу се променило“ од пред 50 години кога таа јавно одби да прифати Оскар во име на Марлон Брандо поради начинот на кој домородните Американци биле прикажани во холивудските филмови.


Фото: Youtube - screenshoot