Што подготвуваат Французите? -Мистериозна церемонија за отворањето на Олимписките игри - Земјите-учеснички, ќе продефилираат во 85 чамци на Сена во боите на нивната делегација
Спомениците на Париз - Нотр Дам, Лувр, Музејот Орсеј и реката Сена ќе бидат во срцето на церемонијата на отворање на Олимписките игри во петок, додека настанот што ќе биде спој на уметност и спорт во Француската престолнина, позната како „град на светлината“.
Само десетина луѓе ги знаат деталите за церемонијата, која започнува во 19 часот и 30 минути и ќе трае речиси четири часа.
Помеѓу 6.000 и 7.000 спортисти (од вкупно 10.500), кои ги претставуваат земјите-учеснички, ќе продефилираат во 85 чамци на Сена во боите на нивната делегација, од мостот Аустерлиц до Ајфеловата кула и Трокадеро.
Околу 3.000 танчери, музичари и актери ќе учествуваат во уметничкиот дел од свеченоста покрај брегот на Сена, како и на мостовите, но и на небото, на патека од шест километри, по која се очекуваат 326.000 гледачи.
Околу 200 костимографи и 300 фризери и шминкери ќе бидат стационирани во соблекувалните на секоја страна од Сена.
Околу 80 џиновски екрани ќе бидат поставени долж бреговите на Сена.
Спектаклот, кој ќе го гледаат повеќе од милијарда гледачи, ќе содржи, според здружението на француските телевизии France Televisions, однапред снимени видео секвенци и вметнати во приказната.
Уметничкиот директор на свеченото отворање на Олимпијадата, Томас Џоли, изјави дека со многу радост, движење и возбуда сака да го направи „најголемиот спектакл на светот“.
Џоли рече дека не сакал да прави декор кога за него спомениците во Париз се „најубавата сценографија на светот“.
Музиката на церемонијата ги вклучува креациите на музичкиот директор Виктор Ле Масне. Тоа ќе биде микс од поп, симфониски оркестар, хорови и електронска музика French Touch.
Што се однесува до настапот на пејачката, со месеци се шират гласини дека тоа ќе биде Аја Накамура облечена во Диор, познатата француска куќа на висока мода.
Француските медиуми ја споменуваат и канадската пејачка Селин Дион, како и меѓународно познатите ѕвезди Дуа Липа и Лејди Гага.
За свеченото отворање беа создадени 3.000 уникатни костими.
Ниту една проба на церемонијата не била одржана на отворено за да не се открие тајната, туку уметниците вежбале во затворени простории, во големи хангари и на други места далеку од очите на јавноста.
Засега не е познато кој последен ќе го носи олимпискиот факел до паркот Туилери каде што се наоѓа факелот.
Извор: Slobodnaevropa.org