Спорт // Спорт
Силјановски: Очекуваме тежок натпревар со Скопје, но и бодови од ова гостување
Брегалница од 15 часот му гостува на Скопје, средба од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига.
По поразот од прилепска Победа во шампионатот, и убедливиот триумф над Слога Виница во 1/16-финалето од Купот на Македонија, фудбалерите на Брегалница сега комплетно се насочуваат кон новиот предизвик за кој знаат дека нема потценување.
Еден од најдобрите фудбалери на стартот од сезоната, фудбалерот од средниот ред Горан Силјановски е убеден дека се извлечени поуки од Прилеп и тимот максимално сериозно ќе одигра утре на Автокоманда во желбата за позитивен резултат.
„По поразот од Победа, се вративме со убедлива победа против Слога во Купот на Македонија. Средбите со Победа и Слога се веќе минато, но мора да нагласиме дека извлековме поука од Прилеп затоа што е јасно дека во лигата нема лесни и тешки противници. Знаеме дека не чека тежок натпревар и во Скопје и мора да бидеме максимално фокусирани со 100% на терен. Во секој случај, од сите досегашни натпревари на стартот од сезоната, од нашите изданија и одност, сигурен сум дека сме на вистинскиот пат, верувајќи дека посветено можеме да дојдеме до зацртаните цели за оваа година“ - вели Силјановски.