Синоличка Трпкова е брутално искрена во својата прва прозна книга „Никогаш не кажувам“
Книжевниот првенец на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“, ќе биде промовиран вечерва (11 ноември), со почеток во 19 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател. Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење.
Во него се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката. Наидуваме на омажи, вистински медалјони за Данчо Чеврески, но и за другарката Соња; во оваа книга „гостуваат“ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски, но и мириси, вкусови и одамна починати деца во една болница во Франција – митскиот топос на Синоличка, точката во која е забиена боцката на нејзиниот емоционален шестар. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири. Се разликува дури и по насловувањата.
Наспроти книжевните насловувања од претходните четири циклуси, во петтиот, сите четиринаесет цртички се со ЗА: ЗА интернетот, ЗА емпатијата, ЗА половите, ЗА талентите, ЗА фашизмот итн. Ова не е напуштање на книжевноста, на раскажувањето, туку еден вид проширување на фокусот со поангажиран социјално, културолошки пристап; еден вид дијагностика на раскажувачките состојби од претходните циклуси. Токму во овој спој на нарацијата и пошироката општествена размисла се добива хибридната глазура на книгата. „Никогаш не кажувам“ е топло, но не и нежно справување со времето, со спомените, со болките и радостите на живеењето пред и во пандемијата. Кажано со зборовите на авторката, ова е „хроника на интимата“, но и брутално искрена книга во која острицата на ножот е насочена навнатре, кон самиот раскажувач, не нанадвор кон раскажаното.
Најзначајно за оваа книга на Синоличка Трпкова е што истовремено и нѐ изненадува и не нѐ изненадува. Знаејќи ги нејзините мошне луцидни и популарни искажувања за многу актуелни и горливи прашања од секојдневието на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“, како и нејзината висока писменост во најширока смисла на зборот, ни се чини нормално да објави книга. Тоа не нѐ изненадува. Но, откако ќе ја прочитаме „Никогаш не кажувам“, сепак сме изненадени, зашто книгава е многу повеќе од ангажирано и умно „пишување“ и коментирање. Таа е уметничка проза. Книжевност. Нарација со есеистички поттекст. Автобиографија со минимум исповедност, со максимум литерарност.
Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актера. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста” на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат. Затоа многумина мислат дека ја знаат. Во оваа хроника на интимата, наречена „Никогаш не кажувам“ нè води до нејзините скришни места и самата ни кажува која е, всушност.
Книгата„Никогаш не кажувам“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава