Скриени природни богатства во земјава: Три водопади кои се рајска убавина

Македонија изобилува со природна убавина. Места кои ги посетуваат туристи од целиот свет, но и потскриени места во кои поретко стапнува човечка нога.

Иако, периодов граѓаните повеќе ја истражуваат нашата земја и откриваат старо-нови излетнички места, сепак земјава е недоволно откриена а е преполна со пејсажи, флора и фауна, прекрасни езера, реки и водопади.

Такви по скриени водопади се Дафските водопади, Габровските и Спиковските водопади. Места кои ги создала природата, места во кои може да најдете мир и да уживате покрај сликата која ви ја нуди мајката природа.


Дафските водопади се наоѓаат во близина на селото Ростуше, на падините на планината Крчин, сместени во густа шума. Овој ерозивен водопад е создаден како последица на регресивното всекување на речното корито на Ростушка река. Вкупниот вертикален отсек на водопадот изнесува 23,5 м, а подинскиот дел содржи џиновски лонец. Водопадот е полноводен во текот на целата година, при што протокот е двојно поголем во текот на зимата, а во просек изнесува околу 90 л/с.


Водопадот е лесно достапен за сите они кои сакаат да го видат и да уживаат во неговите убавини, бидејќи до него ќе ве води обележана пешачка патека.



Друго скриено природно богатсво во нашата земја се Спиковските водопади. Овие водопади се наоѓаат  во пехчевскиот дел на Малешевските Планини. Пред да стигнете до водопадите треба да поминете низ густа борова и букова шума. Од Пехчево, Спиковските водопади се оддалечени околу 08 километри.


Долго време овие водопади не беа промовирани како викенд или авантуристичка атракција, но периодов редовно е полно со домашни туристи.

И овде месните жители, властите и општината се потрудиле да изградат пешачка патека со која полесно  се стигнува до водопадот.


Трети и можеби најпопуларни, но сокриени под падините на планината Беласица се Габровските водопади.

До овој водопад се оди и со автомобил, пред речното корито на водопадот има за одење само неколку метри. При самиот влез на шумата веднаш се чувствува посвежиот воздух и мирисот кој доаѓа од водопадот.


Патеката која води до водопад е средена и чиста, пред влезот во шумата има направено и летниковец на кој може да седнете, да здивнете и да уживате во природата која што ја нуди месноста.

Редовно Габровските водопади ги посетуваат граѓаните од околните општини,Ново Село, Босилово, Струмица, но на оваа место преку викенд е вистинска врвулица од народ.


Уживајте во природата што ја нуди нашата земја, чувајте ја и гижете се за неа. 


Фото: Википедија

Р.М.М.